Портпаролот на Пентагон Ерик Пахон вели дека НАТО се залага за слобода, демократија и колективна безбедност и дека земјите, како што се Северна Македонија и Црна Гора, кои ги споделуваат овие вредности, „се знак на успехот, а не на тензии”.

Запрашан дали и во која мерка зачленувањето на Северна Македонија во НАТО ќе ги зголеми тензиите меѓу Запад и Русија, Пахон за црногорскиот весник „Побједа“ кажа дека САД се загрижени заради постапките на Русија која се вмешува во евроатлантскиот пат што го избраа земјите од Западен Балкан.

-Северна Македонија силно придонесува во мисиите на НАТО, како и во регионалните иницијативи за засилување на соработката и безбедноста на Западен Балкан. Русија настојува да ги спречи земјите, како Северна Македонија и Црна Гора, да го изберат својот пат преку агресивно однесување и застрашување – вели Пахон, пренесе РТЦГ.

Американскиот функционер истакнува дека САД одамна имаат покажано непоколеблива посветеност кон ситуацијата во Западен Балкан.

-Тоа е приказна која често не се нагласува, додека Русија во минатото правеше се за намалување на нашиот придонес – додаде портпаролот на Пентагон.