Зголемен транзитот на илегални мигранти низ Албанија дури и во време на пандемија

Фото: Арбнора Мемети

Затворањето на границите и изолирањето поради пандемијата не го намалија приливот на илегалните мигранти кои транзитираат низ Албанија кон земјите на ЕУ. Зголемувањето на овој прилив е евидентно од 2019 година наваму и е придружено со зголемување на бројот на лицата коишто направија бизнис од транспортот на мигрантите преку територијата на Албанија, пишува Фактоје.ал, пренесува Порталб.мк.

Притоа во обезбедувањето помош за нелегално преминување на границата или, пак, и во превозот на бегалци, за надомест од 100-200 евра по лице, се вклучени и жени и млади. Локалната полиција во Елбасан го потврдува порастот на овој феномен, но Државната полиција одби да обезбеди податоци за состојбите во земјата.

„Приливот на илегални мигранти кои влегле преку зелената граница, на југот и југоистокот на Албанија, се зголеми“, се цитира во извештајот.

Податоците за овој извештај се потврдени и од бројките на ИНСТАТ. Според оваа институција, во 2019 година во Албанија имало 6.557 баратели на азил, бројка што е зголемена за 49,5 отсто во споредба со 2018 година.

 

Што се случи за време на пандемијата?

Она што генерално може да се каже е дека во текот на 2020 година, илегалната имиграција во Европската Унија бележи ниски бројки во споредба со последните седум години. Сепак, според ФРОНТЕКС, иако имало намалување на феноменот во однос на копнените маршрути, имало растечки тренд на илегалната миграција преку море.

Албанија како транзитна земја за емигранти за време на пандемијата?

Фактоје.ал се обрати до Министерството за внатрешни работи за да го открие бројот на операции спроведени за да се запре преминот на илегалните мигранти од Албанија во земјите на ЕУ.

Оваа институција го адресираше барањето до Државната полиција, која не одговори, дури и по претставката до Комесарот за право на информирање.

Фактоје.ал изврши истражување на официјалната веб-страница на Државната полиција за 2020 година, при што утврди дека биле извршени две операции (Дестинација и Периметар) за запирање на нелегалното преминување на границата.

 

Феноменот на „жени криумчарки“

Една 35-годишна жена беше уапсена на 11 јануари 2021 година откако беше фатена во градот Елбасан како превезува петмина сириски државјани. Локалната полициска управа потврди дека жената со иницијали К.Б била уапсена во Елбасан, а, инаку, нејзината дестинација била Тирана. Се дознава дека жената што живее во Либоник, округ Корча, со своето возило „Фолксваген“ требало да ги превезува мигрантите до главниот град за надомест од 200 евра по лице. Апсењето на жената доаѓа по серија апсења за транспортирање на граѓани од трети земји, особено во текот на 2020 година.

Од сведочењето на К.Б. во полиција, се дознава дека во тој случај немало индикации за добро организирана мрежа. Официјални полициски извори потврдија дека бидејќи Елбасан се користи како транзитен пункт, бројот на случаите на транспорт на илегални мигранти од трети земји е значително зголемен.

Според извештаите на домашните и меѓународните медиуми, повеќето од мигрантите доаѓаат од Грција преку зелената граница. Во 2019 година, на граничните премини „Какавија“ во округот Ѓирокастра и „Капштица“ во округот Корча, 50 полицајци од 11 земји на ЕУ ѝ помогнале на албанската полиција во справувањето со бранот мигранти кои доаѓаат од Грција и ја користат Албанија како транзит кон земјите на Европската Унија.

Директорот на полицијата во Елбасан, Алкет Шартро за Фактоје.ал изјави дека постои план за мерки од страна на локалната полиција за откривање на оваа незаконска активност, што дало ефект бидејќи бројот на откриените случаи и случаите кои се упатени во обвинителството, значително се зголемил. Истрагите откриле организирани мрежи за транспорт на мигранти до границата со Црна Гора или Косово. Има дури и случаи на транспорт на илегални мигранти на патот Моглица-Грамш за да се избегнат контролите, иако овој патен правец е во многу лоша состојба.

Додека во 2019 година случаите откриени од полицијата биле помалубројни, но со широка мрежа на организатори, во 2020 година овој феномен порасна, вклучувајќи и поединци, главно на млада возраст, кои транспортирањето на мигрантите го претворија во профитабилен бизнис.

Се дознава дека значителен дел од уапсените не се жители на Елбасан, но го користат тој реон за незаконската активност. Случаи со превезување на илегалните мигранти, вклучително и жени, се разоткриени и во Корча. На 8 јануари годинава, Окружниот суд во Корча решаваше на основа на кривична пријава против жена обвинета за давање помош за нелегално преминување на границата, како дело стотено во соучесништво.

И извештајот на „Global Initiative“ вели дека илегалното превезување мигранти во Албанија се случува и за време на пандемијата. Според податоците, повеќе од 900 емигранти влегле во Косово само во текот на првите два месеца од 2020 година, а 300 од нив дошле од Сирија. Повеќето од нив влегле во соседната земја преку Албанија, за да продолжат понатаму кон Србија.

Забележани се и случаи на илегалните мигранти што користеле различна рута.

„Еден мигрант изјави за Радио Слободна Европа дека се вратил во Приштина од Србија и дека ќе оди во Албанија, за да се обиде да премине од Драч во Италија и понатаму да продолжи кон Германија. Некои мигранти им платиле на такси возачите околу 100 евра по лице за илегално да ја преминат границата со Албанија до нивната дестинација. Некои други платиле 200 евра за да преминат од Албанија кон Косово преку планински пат“, се цитира во извештајот.