Започнува првата академија за улични танци „ВАДА“

Фото: Петар Аврамовски (Tone Bandits)

Во креација на координаторката Ивана Балабанова од Битрикс Културно-уметнички Центар и Американската Амбасада во С.Македонија, од 21 февруари годинава започна проектот ВАДА – Виртуелна Американска Танцова Академија. Во проектот како партнери се јавуваат КСП „ЦЕНТАР ЈАДРО“ (Јасмина Билаловиќ) и Младински Културен Центар (Ванчо Богоев), како и The Bureau of Educational and Cultural Affairs ( ECA) of the U.S. Department of State, American Voices и American Dance Abroad oд Соединетите Американски Држави.

„Танцовата академија ВАДА ќе им обезбеди на младите едукација со некои од најголемите танчарски имиња од САД, земјата на хип-хоп културата, а истата ќе се реализира во два дела, и тоа: Онлајн танцови работилници во времетраење од пет месеци во периодот февруари – јули и подготовка на танцов перформанс за што е предвидено во август предавачите од САД да дојдат во С.Македонија и да работат во живо со стипендистите“ велат од Битрикс.

Со овој проект предвидено е во програмата да учествуваат 35 селектирани танчари и кореографи од Скопје, добитници на комплетна стипендија, а можност за надоградба на своите знаења ќе им се даде и на 25 танчари од: Куманово, Штип, Пробиштип, Охрид, Радовиш, Тетово, Струмица и Гевгелија. Танчарите од Скопје, ќе ја следат програмата заеднички од просториите на Младински Културен Центар, согласно ковид протоколите, додека пак перформансите кои ќе се подготват во август, публиката ќе може да ги проследи во просториите на КСП Центар Јадро и Младински Културен Центар.

„Овој проект ќе допринесе да се прошират видиците на нашите танчари и кореографи, да се зајакне нивната техника и базата на знаења за повеќе танцови стилови која се уште недостасува кај нас, но, уште повеќе од тоа, да се едуцира пошироката јавност за урбаната и современата танцова уметност и да се освежи програмата која е достапна за сите“ велат од Битрикс.

Првиот курс на академијата во кој ќе се изучува танцовиот стил POPPING (попинг) овој викенд го започна реномираната танчарка и кореографка Marie Poppins, која е дел од триото Femme Fatale, a во наредните курсеви е предвидено да се изучуваат и стиловите: animation, robotics, housе, dancehall, современ танц, брејкденс и мешавина од многу различни улични танци.