Фото: СДСМ

Премиерот и претседател на владеачката партија СДСМ, Зоран Заев денеска изјави дека актуелната заменик претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска не поднела оставка од партијата, туку дека нема намера да се кандидира за трет мандат на позицијата заменик претседател на партијата.

„Шекеринска не поднесе оставка од позицијата заменик претседател на СДСМ, таа најави дека нема намера да се кандидира за трет мандат. Нејзината одлука ја почитувам, таа е заслужна за влезот на нашата земја во НАТО, за кандидатскиот статус во ЕУ и други важни процеси во државата. Таа е мој другар, другарка и продолжуваме да соработуваме без разлика каде ќе се најде во општеството или во СДСМ“ рече Заев.

Меѓу другото, тој додаде дека заедно со Шекеринска и огромен процент од членството на СДСМ се договориле дека треба да се обнови раководството и да се даде шанса на нови луѓе.

Заев, исто така, потенцираше дека за позицијата амбасадор на земјава во Вашингтон немаат разговарано со Шекеринска, затоа што таа во моментов е министерка за одбрана, а за нејзиното мислење за премиерот, Заев им порача на медиумите да се обратат лично до неа.

Шекеринска вчера соопшти дека нема да се кандидира за заменик претседателка на СДСМ по Конгресот на партијата во мај.

„Добив прашање од мојата Општинска организација дали сум кандидат, кажав дека не сум, затоа што сметам дека и СДСМ и политичката сцена во земјава, одат напред кога постојано продуцираат нови кадри. Апсолутно, пристапот кон Конгресот треба да ни биде да формулираме и нови политики, а тие да бидат подобри“ изјави Шекеринска.

Во врска со позицијата амбасадор на РСМ во Вашингтон, министерката за одбрана посочи дека тоа е прашање кое не се дискутира преку изјави, туку прво во рамки на Министерството, па на Владата и во соработка со претседателот.