Архивска фотографија | Фото: Арбнора Мемети

Северна Македонија нема друга алтернатива освен европскиот пат, рече премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју на тв 21, додавајќи дека земјата ќе продолжи на патот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ.

По блокадата од Бугарија, и недонесувањето на одлуката на Советот за општи работи на ЕУ во однос на преговарачката рамка на С. Македонија и Албанија, тој посочи дека треба да продолжиме да правиме напори, во духот на градење пријателство, дијалог, не конфликти.

„Мене ми паѓа многу тешко, затоа што верувам дека тоа не е желба на бугарскиот народ и на премиерот Борисов. Верувам дека тоа се политики во пресрет на избори, веројатно поттикнати во едно вакво светло, но еве да дадеме шанса и на следните денови кои претстојат пред нас, затоа што постојат уште можности“, додаде Заев.

Македонскиот премиер нагласи дека Република Северна Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик се непобитен факт и во Бугарија знаат дека ЕУ тоа го третира како европска вредност и придобивка.

„Европа не може да помине преку тоа, затоа што, прво, ако е така, ваквите билатерални прашања ќе станат правило и тоа е недозволиво за ЕУ “, рече Заев, порачувајќи дека негова должност е да не се откажуваме во барањето решение.

Тој изрази увереност дека ваквото постапување на Бугарија се само политики за собирање предизборни поени на политичките фактори, но не и желба, како што рече, на бугарскиот народ и на бугарскиот премиер Бојко Борисов. Сепак, македонскиот премиер е убеден дека постои можност за согласување со Бугарија до декември.

„Сега има пенал за шутирање, за кавги колку што сакате, но не ни треба тоа. Ни треба пријателство. Нам ни требаат трезвени глави, мудри лидери кои што навистина ќе дадат шанса на дијалогот, ќе дадат шанса на решенијата, а не на конфликтот“, истакна Заев.

Нагласувајќи дека Владата постапува рационално и без конфликти за да се стигне до решение до декември, тој посочи дека неприфатливи се ставовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оти нивното спроведување би значело реприза на „грчкото сценарио“

„Тоа е европскиот начин. Тоа е македонскиот начин. Ако го викнам Мицкоски до мене и се поставиме онака како што тој би се поставил ќе ни се случи уште еднаш грчкото сценарио. Ние тоа не го сакаме, ниту на Бугарија ѝ треба тоа. Затоа треба да продолжиме онака европски како што ни личи, затоа што ние не сакаме да бидеме членка на ЕУ за да бидеме членка на ЕУ, туку сакаме да се европеизираме. Европа да ја имаме дома и тоа го покажуваме секој ден со нашето однесување“, порача македонскиот премиер.