Премиерот Зоран Заев со видео обраќање го честиташе Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај.
Во обраќањето, Заев наведува дека освен здравјето на луѓето, кризата се заканила да загрози илјадници работни места и затоа, на прво место на економските приоритети на Владата, уште од почетокот на пандемијата бил македонскиот работник.
„Обезбедивме поддршка за да се зачуваат илјадници работни места, за илјадници вредни работници редовно да земаат плати и да однесат приход во своето семејство. Работните места на прво место! Тоа беше главната цел на првите состаноци со економските тимови кога почна пандемијата. И задоволен сум што оваа наша цел немаше многу противници – напротив, преку заеднички консултации и со фирмите и со синдикатите, успеавме да ги задржиме работните ангажмани на многу наши граѓани и со тоа да ја држиме економијата жива и динамична,“ рече Заев.
Премиерот потенцира дека и покрај ударот од глобалната ковид криза, платите продолжија да растат.
„За неполни четири години минималната плата ја донесовме од 9.000 до над 15.000 денари. Тоа е повеќе од 6.000 денари месечно по лице, или 72.000 денари повеќе за секој работник годишно. И ќе расте. Платите особено пораснаа во здравството, образованието, но и во армијата, во полицијата и во социјалниот сектор. А со субвенциите за придонеси на фирмите, околу 200.000 вработени во реалниот сектор добија поголеми плати. Историската неправда кон стечајните работници се реши за околу 12.000 лица кои добиваат месечен надоместок од 8.000 денари до нивното пензионирање,“ додава Заев и вели дека конечно недела ќе биде неработен ден.
Премиерот оценува дека „економијата ни е стабилна, кризата ја поминавме без поголеми потреси и конечно излегуваме од неа, а за тоа најзаслужни се работниците.“