Премиерот Зоран Заев во новогодишното интервју за јавниот сервис МРТВ, изрази очекување за нов чист мандат на следните парламентарни избори, продолжување на трендовите на раст на економијата, меѓународни интеграции на државата, функционална правда во неа и доизградба на нашата држава во посакувано место за живеење.

„Ако добијам цел мандат посветен на економијата верувам дека ќе успееме многу. Да бидеме урнек и пример за сите, интеграциите да дадат прилог во делот на странски инвестиции, користењето на фондовите и на нашите домашни капацитети, знаење, ресурси што постојат, за благосостојба на нашиот народ. Во таков амбиент можеме да очекуваме да си ги задржиме младите тука“ рече премиерот Заев.

Тој додаде дека се создадени услови за тоа во изминатиот две и пол годишен мандат.

„Паралелно со реформите што ги направивме, дочекавме нешто што 30 години безмалку го чекаме, а тоа е нашето членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ. Овие работи се за мене исполнети, де факто учествувавме на Самитот на НАТО, останува Шпанија, де јуре тоа да го направи и ќе го направи. Немаме ние отворени прашања со Шпанија, очекуваме Владата таму да се формира и веднаш во процедура шпанскиот Парламент тоа да го заврши. Исто така и ЕУ, преку Европскиот совет и Европската комисија, верицираа дека 100 проценти се исполнети условите, односно сѐ што се очекувало од нас“, рече Заев и најави реализација на прочистувањето во судството и функционална правда.

„Има сериозни алатки во делот на Судскиот совет, во делот на Советот на обвинители, во делот на Антикорупциската комисија… Законската основа е создадена. Никогаш не сакав да дигам телефони на судиите или кој било да врши влијание, да кажува како треба, што треба да прават со процесите, дали побрзо или побавно, како да судат и слично, никој тоа не треба да го прави во државата. Тргнуваме во еден процес на прочистување и проверка, преку имотот, преку судирот на интереси и преку сето тоа законот што го дава на сите институции, јас верувам дека тоа ќе даде одличен резултат, за на крајот да ја дочекаме правдата, онаква каква што ја очекуваат граѓаните, а тоа е да биде на едно европско ниво“, додаде Заев.