Архивска фотографија од мај 2019 г. | Мета.мк

За време на викендот и денес продолжуваат интензивните работни средби меѓу претставниците на СДСМ и Коалицијата “Можеме” и ДУИ со цел креирање коалициски договор за идна Влада на Република Северна Македонија, соопштуваат од СДСМ.

Како што велат оттаму, тимовите на двете партии интензивно работат на создавање брз и темелен коалициски договор. Од СДСМ потврдуваат дека во разговорите кои се водат на ниво на генерални секретари постигнат е сериозен напредок по однос на речиси сите прашања кои водат до договор за Влада.

„Со оглед на итноста и потребата од брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата заради справувањето со здравствените и економските предизвици поврзани со ковид-19, во текот на утрешниот ден ќе се одржи лидерска средба меѓу претседателите Зоран Заев и Али Ахмети на која се очекува конечен договор за нова, стабилна, посветена Влада со мандат од четири години“ велат од СДСМ и ДУИ.

Како што најавуваат од Социјалдемократскиот сојуз, во текот на следните денови ќе продолжи конститутивната седница за избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.