За намалување на невработеноста кај младите, може да помогне и младинското претприемништво

Фото: НМСМ

Над 120 учесници од граѓански организации, претставници на институциите и бизнис секторот, младинскиот сектор, млади претприемачи и успешни ученички и младински компании од Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Турција учествуваа на регионалниот форум за градење партнерства за претприемачко учење, што се одржа во Скопје во организација на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

„Младинското претпиемништво претставува едно од многуте решенија за намалување на младинската невработеност. Се надевам дека од овој форум и од партнерствата
кои ќе се формираат овде, ќе произлезат креативни и иновативни решенија за унапредување на програмите кои го поттикуваат претприемачкиот дух кај
младите и креираат овозможувачка околина за младинско претприемништво. Но
најважно, се надевам дека овој форум ќе ги инспирира сите чинители дека големите
цели се постигнуваат само заеднички и дека само преку значајно учество на младите можат да се надминат пречките со кои тие самите се соочуваат“, изјави Мариана Ангелова, генерален секретар на НМСМ, во своето обраќање на отварањето на форумот.

Форумот, како што соопшти организаторот, имаше цел да поттикне градење партнерства во регионот помеѓу сите чинители за младинското и ученичкото претприемништво. Учесниците имаа можност да дискутираат за регулативната рамка за младински и ученички компании во регионот на Западен Балкан и Турција, како и за потенцијалот за стратешки партнерства за младинско претприемништво.

„Ми претставува особено задоволство што темата за претприемничко учење обедини голем број претставници од јавниот, приватниот и невладиниот сектор. За целиот Западен Балкан, многу е важно да се изгради екосистем за претприемништво во којшто ученичките и младинските компании ќе бидат поттикнати и поддржани од целото општество и пред сѐ од институциите. Токму тоа е целта на проектот BY LEAP, како и мисијата на сите организации вклучени во овој проект”, рече Дарко Радичанин, извршниот директор на Junior Achievement Србија.