Актуелниот ДУП во кој се вцртани три кули од по 60 ката

Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) и Академијата на архитекти како дел од Асоцијацијата, се произнесоа во врска со парцелите спроти хотелот „Холидеј Ин“ во центарот на Скопје, на кој треба да се градат висококатници. Тие укажуваат дека просторот е необновлив ресурс и треба со него да се ракува внимателно и со почит.

„ААМ е за доследно почитување на целите, проекциите и планските решенија од Генералниот урбанистички план на град Скопје 2012-2022 год. и плановите од пониско ниво мора да бидат усогласени со овој стратешки план. Тоа се однесува и на планот во чиј состав е оваа локација спроти хотелот „Холидеј Ин“, но и за сите останати за кои постои интерес во јавноста како што се фабриката Треска, Дебар Маало, Мал Ринг, Езеро Треска, Расадник и т.н.“, се наведува во дописот на ААМ и Академијата на архитекти испратен до медиумите.

Тие додаваат дека ДУП-овите претставуваат акти од јавен интерес, кои треба да содржат креативни решенија, што на жителите, корисниците и посетителите на просторот ќе им овозможат негово безбедно, квалитетно и комфорно користење, и доколку не е така, истите мораат да бидат коригирани.

ААМ во изминатиов период го поддржа „мораториумот“ за градење на 33 Детални урбанистички планови во општина Центар, како единствен начин да се спречи спроведувањето на важечките планови кај кои се констатирани сериозни прекршувања и недоследности во однос на Генералниот урбанистички план и општите правила и параметри на урбанистичко планирање, додека не се донесат нови, а со цел да се загарантира и почитува едно од највисоките уставни права, а тоа е јавниот интерес.

„Но, напоменуваме дека „мораториумот“ има смисла ако е временски  и содржински строго и наменски ограничен“, потсетуваам од ААМ.

Тие додаваат дека и понатаму стојат на располагање на надлежните институции за инклузивност во делување за оптимизирање на процесите и процедурите во насока на навремено и правилно донесување одлуки кои ќе им овозможат на архитектите легитимни услови за работа.

„Ние како архитекти не сме против градење, ниту против личните и бизнис интереси на поединци, доколку тие не го загрозуваат квалитетот на животниот простор и јавното добро“, велат од ААМ и Академијата на архитекти.

Во нивното обраќање до колегите архитекти, ААМ и Академијата на архитекти изразуваат подршка на оние за кои квалитетниот и хуман простор е иманентна цел на нивните планови и проекти, постигнувајќи го тоа со стручност и професионализам и со личен интегритет и достоинство.

„При тоа ја повикуваме и Комората на овластени архитекти и инженери активно да се вклучи во процесите на креирање на просторот, како и да се грижи за правата и дигнитетот на професијата“, се наведува во соопштението на ААМ.

Асоцијацијата на архитекти им се обраќа и на граѓаните да бидат вклучени и да партиципираат во донесувањето на одлуки при креирање на просторот, со почитување на експертизата од професионалците.

За крај, ААМ и Академијата на архитекти ја повикуваат локалната самоуправа да се почитува квалитетниот градски простор, неговата урбана и архитектонска историја преку создавање на услови за сеопфатна инклузивност при негово креирање со разни методи на транспарентен натпревар на идеи за значајни локации, содржини и програми.

Воедно, во обраќањето до Министерството за транспорт и врски, ААМ бара одговорно да се менеџира со државното земјиште како јавно добро при што визијата за градот во  иднината, иако е сложен процес, треба да биде суштинска градска политика креирана во соработка со стручњаци од сите инволвирани области.