Извор на фотографија: ЈП ПОЦ-Скопје

Во периодот од 6 до 12 август со специјалните возила пајак се отстранети вкупно 227 возила од јавните површини, информираат од Град Скопје. Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 18 се отстранети од зонски паркиралишта, а другите 209 возила по налог на сообраќајната полиција, по основ на паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајни знаци, како и по повик од трето лице.

„Контролорите на зонските паркиралишта во тој период санкционирале вкупно 279 возила поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 18 возила се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување“, сооштија од Град Скопје.

Апелираат заедно со ЈП „Градски паркинг“, граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта и навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Потсетуваат дека плаќањето за паркинг-услугата се изврши преку СМС порака или со греб картичка.