„Wild Hearts“ најнова игра во најава што го “размрда” светот на игрите

Слика од главниот сајт на играта Wild Hearts во сопственост на EA Games
Исечок од играта од објавените трејлери

„Wild Hearts“ е најновата игра, која што иако е во најава, веќе го “размрда” светот на игрите. Се работи за Co-Op RPG игра што може да се игра со три играчи истовремено, каде со оружја од блиску, со лак и со стрели можете да се ловат џиновски чудовишта во прекрасен амбиент на отворен свет и природа. Првиот трејлер за играта веќе е објавен:

 

Играта очигледно влече инспирација од познатото и доста споменувано аниме „Princess Mononoke“, затоа што првиот главен во играта е огромен вепар што пред да биде поразен се претвора во демонска дива свиња, слично како на почетокот од анимето со вепарот Наго против кој се бори главниот јунак Ашитака.

Исто така, има и гејмплеј видео за „Wild Hearts“ коешто открива доста аспекти на самата игра: 

Што се однесува до комбатот, има многу опции за различен пристап и можете да градите структури и ѕидови како во „Фортнајт“ во среде битка, но овде се структури од дрво, метал и јажиња што можете да ги собирате како сурови материјали во прекрасната природа на отворениот свет на „Wild Hearts“.

Катаната е најефикасното и најдобро оружје во играта, може да биде обвиена и со оган и да напаѓате со пламен меч на џиновските чудовишта. Според достапните информации на интернет, лакот исто има свои модификации, но поефективни се оружјата за од блиску поради тоа што овозможуваат и парирање на удари кое успева. Исто така, кога “чарџаат босевите” накај вас, може да изградите цел ѕид во кој ако удрат, се тумбаат и паѓаат на грб – ситуација во која можете да внесете комбо со катана на босот. 

Интересни комбинации се и градењето на платформа, па качување на неа и од таму “скок пук” со лак. Исто така, има правење отскочни дрвени трамполини за големи скокови, како и “шкорпиони” односно големи монтажни самострели, со кои можете да пуштите јаже, да се искачувате на врв од карпи или директно да пукате во босовите. А има и качување по ѕидови со ликот како на „Assassin’s Creed“, но тоа не е претерано добро сработено, додека сè друго е одлично. 

Естетиката на играта е фантазиска средновековна Јапонија со митски суштества и одлично графички сработени предели, додека ликовите се и помалку како аниме ликови и не се направени да изгледаат ептен “реално”, туку и како “стрип ликови”. Очигледно е дека има ликови со различни класи, во гејмплеј трејлерот имавме шанса да видиме самурај, девојка зен-стрелец и нинџа.

Играта ќе биде одлична забава за играње со друштво, но за жал, максимум бројот на играчи е тројца одеднаш. Ќе може да се игра и во пар и соло, се претпоставува дека тешкотијата на играта ќе се прилагодува во однос на тоа колку играчи има. Ако има еден играч, ќе биде полесно одошто со тројца одеднаш. 

Уште многу работи за играта „Wild Hearts“ допрва чекаме да бидат откриени. Сегашниот датум за излегување на играта е 17 февруари 2023 година, а играта веќе има и страница на Steam, каде можете да ја ставите на вашата Wishlist за да знаете веднаш кога ќе излезе.