fbpx

Воздушен напад врз шатори со раселени лица во Рафах, најмалку 35 убиени

По социјалните мрежи се шират видеа од тоа како се извлекуваат изгорени тела од запалените шатори. „Доктори без граници“ го осуди нападот, кој беше извршен само неколку денови откако Меѓународниот суд за правда побара од Израел да престане со воени активности во Рафах

-

Израел лансираше воздушен напад врз шатори со раселени лица во Рафах, само неколку дена откако Меѓународниот суд за правда (МСП) во Хаг побара од Израел да престане со воени активности во Рафах, пренесува Гардијан.

Јужниот град Рафах долго време служеше како засолниште за поголемиот дел од населението на Газа додека траеше копнената офанзива на Израел во северниот дел од појасот. Западните лидери со месеци ја предупредуваат израелската влада да не започнува копнена офанзива во Рафах. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, континуирано ја изразуваше намерата да продолжи со воените операции.

По социјалните мрежи се шират видеа од вчерашниот напад – изгорени тела како се извлекуваат од запалените шатори, како и човек кој безнадежно држи в раце изгорено дете.

„Доктори без граници“ го осуди нападот, а Црвената полумесечина во Газа извести дека пренесувале голем број тела во болниците на Рафах. Црвената полумесечина дополни дека локацијата каде се наоѓале шаторите била означена како безбедно место од израелската војска.

Израел тврди дека убиле двајца високо рангирани војни лица од Хамас во нападот, за кој тврди дека бил извршен со „прецизна муниција врз основа на прецизни разузнавачки информации“. Израелската власт дополни дека е свесна за убиените цивили и дека ќе изврши истрага.

Нападот на Израел доаѓа ден откако Хамас го нападна Тел Авив со ракети. Речиси сите ракети беа соборени од израелската војска и немало загинати, иако некои израелски медиуми известуваат дека две жени се здобиле со повреди. Хамас вели дека тие напади биле одговор на напади врз Рафах претходниот ден.

Истовремено, „Амнести интернешнл“ побара Меѓународниот кривичен суд (МКС) да отвори истрага за три напади во Газа, на 16, 19 и 20 април, за кои „Амнести интернешнл“ смета дека се воени злосторства. Во воздушните напади биле убиени 44 Палестинци, од кои 32 биле деца. „Амнести интернешнл“ не нашле никакви докази дека местата кои биле бомбардирани биле воени цели.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ВМРО-ДПМНЕ повторно ја враќа оградата од ковано железо околу Владата

Меѓу многуте одлуки од денешната, втора седница на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, донесена е и одлука за враќање на оградата околу владината зграда, која беше отстранета пред пет...