Во земјава не постојат доволно ветеринари-специјалисти за откривање на некои болести на животните

Фото: Егзотични животни, папагали од видот Розенколис / Unsplash

Ветеринарството е можеби една од најнепопуларните струки за младите во Република Северна Македонија. Во 2019 година на Ветеринарниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола дипломирале вкупно 19 студенти, а следната 2020 година бројот бележи пад на само 5 апсолвенти.

Нешто повисока е бројката на дипломирани студенти на Факултетот за ветеринарна медицина при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде и во 2019 и 2020 година дипломирале по 13 студенти.

Покрај тоа што интересот за ветеринарна медицина е особено низок, во Македонија е низок трендот и на ветеринари што имаат специјализација во одредена област.

Како што објаснува докторот по ветеринарна медицина, Борис Ѓеровски при Ветеринарната Амбуланта „Грин Стрит“, секој лиценциран ветеринар може да работи во која област најмногу се пронаоѓа, но за одредени болести потребна е специјализација.

„Не мора да се има специјализација за хирургија да работиш хирургија, или специјализација за егзотични животни за да се бавиш со нив. Специјализацијата е само процес на дополнително обучување за одредена гранка во ветеринарната медицина. Сепак, во Македонија има општ дефицит на ветеринари“, вели д-р Ѓеровски.

Ветеринарите може да помогнат кога се работи за болести на животните, но во случај кога се јавува специфична болест кај некое животно, не секогаш знаењето на лиценцираниот ветеринар може да биде од помош.

Таков е случајот со папагалчето од видот Розенколис или познато и како „Љубовна птица“ што боледуваше од болест што предизвикува напади, но како што вели Ема Симоска која го чуваше како свој миленик, конкретниот назив на болеста ниту начинот на кој може да се излекува истата не ѝ е познат, бидејќи немало кој да ја упати во правилна насока со цел да го спаси животот на својот миленик.

„Кога прв пат ги забележав нападите многу се потресов бидејќи претходно немав слушнато ништо во врска со такви напади кај птици. Помислив дека можеби е еднаш и нема да се повтори, но за жал не беше така, се повторуваше сѐ почесто и почесто. Веднаш се обратив кај ветеринар, а потоа и кај друг. Кај неколкуте што се јавив не знаеја ништо во врска со птици“, раскажува Симоска.

Таа објаснува дека само еден ветеринар ѝ препорачал одредени витамини и антибиотик, но ниту тој ниту другите што ги контактирала не знаеле да препорачаат некој друг што работи со посложени компликации кај егзотични животни.

Истото го потврдува и д-р Ѓеровски, кој вели дека во Македонија иако има ветеринари што негуваат егзотични животни, нема ниту еден што има специјализација во таа област што во овој случај било единствено решение.

„Сметам дека е важно да имаме ветеринари што ќе имаат знаење и опрема за третирање на егзотични животни затоа што многу луѓе во земјава одбираат да ги одгледуваат како домашни миленици. Сепак, ако дојде до некаков проблем со нивната состојба не постои начин да се реши истата, освен преку ветеринар што има специјализирано во таа насока, што за жал кај нас не е опција“, забележува Симоска.

Според она што можеле да ѝ го кажат другите ветеринари, веројатно дошло до компликација предизвикана од претходно невнимателно извршено вкрстување на папагали.

„Ме револтира тоа што луѓето кои ги одгледуваат конкретно папагалите пред да ги купиме во продавница воопшто не внимаваат на кој начин го вршат вкрстувањето и така се добиваат младенчиња преку инцестуозна врска и тука се јавуваат проблеми“, вели Симоска.

Сепак, според неа, најважно е да има ветеринар што е специјалист во областа, бидејќи како што вели, на оној што го одгледува миленикот во вакви ситуации не му преостанува ништо друго, освен да го гледа додека се мачи и на крајот умира.

Д-р Ѓеровски посочува дека причината зошто немаме голем број на ветеринарни специјалисти во Македонија е големината на пазарот.

„Цената за специјализација во странство е висока и споредбено со бенефитот не е оправдана. Нема доволно хирурзи и нема доволно интернисти. Но, има добри изгледи сето тоа да се промени бидејќи културата на грижа за милениците кај нас драстично се менува на подобро“, вели тој.

Освен недостигот на ветеринари што се стручни во одредена област за животни што луѓето во земјава ги земаат за домашни миленици, Ѓеровски објаснува дека во Македонија има низок процент на интерес за вакцинација на домашните миленици.

„Поради нискиот процент, Македонија е далеку од искоренување на одредени инфективни болести кај милениците. Важен дел од превентативната медицина кај милениците, покрај вакцинацијата, е и третманот против паразити. Секоја мачка и куче мора, како што се вели народски, да се прочистува од паразити до крајот на животот. Наспроти популарното мислење дека оние миленици кои живеат исклучиво внатре не се изложени на инфестации, реалноста е поинаква“, поентира Ѓеровски.

Тој апелира дека редовното третирање на животните против надворешни и внатрешни паразити е задолжително, а редовното миење на рацете по контакт со животни и правилното постапување со нивните екскрети е најдобра заштита за луѓето.

Д-р Ѓеровски укажува дека иако е сѐ уште ниска, свеста кај луѓето во однос на имунизацијата почнува да се издигнува или, како што вели тој, се забележува нагорен тренд на вакцинација.

Тој се надева дека ветеринарството како професија ќе се унапреди по популарност кај младите, бидејќи како што вели, младите сѐ повеќе се интересираат за мала пракса – пракса со домашни миленици, а според него интересно е што сѐ повеќе од студентите што ја избираат оваа насока се од женскиот пол, што ги надминува стереотипите дека ветеринарството е машка професија.