Почнувајќи од вчера, па до петок, Фондацијата за општество и интернет “Метаморфозис”, ќе биде дел од меѓународната конференција за верификација на фактите и борба против погрешното информирање – дезинформирањето “Facing the facts in the Balkans and beyond” (“Соочување со фактите на Балканот и во пошироко“), пишува „Порталб.мк.“
Во првата панел дискусија вчера, на која учествуваа водечките медиуми кои работата ја засноваат главно на професионално известување и борба против погрешното информирање – дезинформирањето, учествуваше и координаторот на проектот што го спроведуваат “Метаморфозис” и “Евротинк“, “Критичко размислување за граѓаните со медиумски вештини – КриТинк” Филип Стојановски. Тој говореше за начинот на кој функционира проектот, а како проблематично го истакна ширењето на лажни вести надвор од границите на Северна Македонија, при што го изнесе примерот на бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски за што, како што истакна, фактите се уште не се потврдени, иако медиумите објавија најразлични информации.
“Со години се занимаваме со критичкото размислување, што е многу важно за медиумите. Информациите што ги објавуваме ние, не се ограничени само на домашни медиуми, туку и надвор од границите, а понекогаш може да се злоупотребат за политички интереси и може во земјите на потекло да се вратат, во нов формат и форма, трансформирани од медиумите и политичарите. Интересен пример за мене е како може да вршиме проверка на фактите во ситуација кога не ни знаеме точно кои се фактите. Нашиот пристап е дека понекогаш фактите не можат да се акумулираат, но може да ја препознаеме дезинформацијата доколку изворите ги почитуваат принципите на новинарството. Тоа и го правиме ние, им даваме примери на граѓаните и им покажуваме како треба и како не треба да биде една вест”, рече Стојановски.
За Фаик Спахиу, главен и одговорен уредник на “Kallxo.mk” („Кажи.мк“), проблематична останува верификацијата на фактите. Според него, проблематични се “крадците“ на нивната работа и тие што одбиваат да дадат информации за нив – на пример, претседателот на Косово, Хашим Тачи, против кои се покренати судски постапки.
Конференцијата се одржува во Тирана, Албанија, а во организација на „Faktoje.al“ поддржана од УСАИД и Британската амбасада.