Во среда протестен марш за поддршка на жртвите од Телeграм групата „Јавна соба“

Фото: Фејсбук настан за најавениот протестен марш

На 3 февруари, во среда со почеток од 14:30 часот, Платформата за родова еднаквост ќе организира протестен марш за поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба“. Тие бараат од државните институции да го решат случајот, а на жртвите да им обезбедат соодветна заштита.

Маршот ќе започне пред МВР, а ќе заврши пред Јавно обвинителство. И на двете локации од Платформата ќе се обратат до јавноста и институциите, а воедно и ќе ги охрабрат жртвите на Јавна соба, доколку се подготвени, да ја искористат оваа шанса, да проговорат и побараат правда.

„Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство. Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и се уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени. Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции“, велат од Платформата за родова еднаквост.

Како што посочуваат, неколку приведени членови и санирање на штети нема да ги замолчат. Тие будно ќе ги следат институциите и ќе бараат сеопфатни решенија за превенција на родово базирано насилство.

„Не смееме да дозволиме одржување на состојба во која жртвите се множат, а институциите молчат и потфрлуваат во извршувањето на својата функција, бидејќи држава која не постапува, е држава која силува!“, стои во нивниот напис.

Претходно, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на неговиот фејсбук-профил соопшти дека групата „Јавна соба“ е затворена, а во меѓувреме се приведени четири лица.