Во недела ќе се трча 17-тиот Скопски маратон

Четирите трки од 17-тото издание на Виз Ер Скопскиот маратон ќе се трчаат во недела, на 3-ти октомври. Маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон – ЕУ за спорт ќе започнат во 8:00 часот, а трката на 5 километри ќе се трча со старт во 8:10 часот. Стартот и целта на трката ќе бидат на платото пред главниот влез на Спортски центар Борис Трајковски, информираа денеска организаторите на маратонот.

Патеката по која учесниците ќе трчаат ќе биде иста, како и претходната година, информираше на денешната прес-конференција Кире Синадиновски, директор на Виз ер Скопски маратон. Тој соопшти дека целиот настан ќе биде организиран согласно протоколите одобрени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

„Оваа година ќе имаме околу 7.000 учесници на сите четири трки, маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон – ЕУ за спорт и трката на 5 километри. Маратонот и оваа година ќе биде домаќин на квалитетни натпреварувачи, како и секогаш, а имаме пријавено натпреварувачи од над 40 земји од целиот свет, со што очекуваме одлична трка. Фокусот на овогодинешното издание ќе биде на домашните маратонци, кои ќе се потрудат да ги постигнат најдобрите резултати и да ги срушат сопствените, но и рекордите кои се досега поставени на Скопскиот маратон низ годините“, изјави Синадиновски.

Директорот на Виз Ер Скопски маратон изрази огромна благодарност до организаторите на маратонот, Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски Клуб „Работнички“, до ко-организаторот Министерство за внатрешни работи (МВР), до покровителите на маратонот, Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија, Агенцијата за млади и спорт, како и до сите волонтери кои ќе бидат вклучени во реализацијата на овогодинешното издание.

Инаку, сите учесници пријавени на овогодинешното издание на маратонот, со покажување на стартниот број ќе можат бесплатно да го користат јавниот градски превоз во Скопје на ЈСП.