Во ковид центрите низ земјава се лекуваат 1.135 пациенти, има слободни околу 280 болнички кревети

Автор: Арбнора Мемети

Бројот на хоспитализирани лица во ковид-центрите низ земјава продолжува да расте. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои во моментов се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.135 и има околу 280 празни болнички кревети во ковид центрите, соопштуваат од Министерството за здравство.

Со новиот бран на ширење на корона вирусот, во главниот град бројот на лица сомнителни и потврдени за ковид-19 што се лекуваат на инфективните оддели во Скопје порасна на 483. Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 51 нов пациент поради компликации од корона вирусот.

„Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, отворен е и ковид центратот на ТОАРИЛУЦ, на Клиниката за Трауматологија“, информираат од Министерство за здравство.

Во последното деноноќие, на Интерните клиники и ТОАРИЛУЦ имало 27 приеми.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 11 примени пациенти и 12 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 1 нов пациент.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 35 оздравени пациенти.

Во моментов во ковид центрите на Интерните клиники и ТОАРИЛУЦ се лекуваат 225 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 89 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 129 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 35 пациенти. На ГАК има 5 хоспитализирани ковид позитивни пациентки.

Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 40 слободни места во ковид центрите во Скопје, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава, според пријавеното, се лекуваат вкупно 652 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Според извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство, во болницата во Битола се хоспитализирани 63 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19.

Во болницата во Штип се хоспитализирани 43 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 25 пациенти, во Велес се лекуваат 51 болен, а во Куманово 95 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 90 пациенти, во Прилеп 104, во ковид центарот во Гостивар 26, а во Струга 20 болни.

Во болницата во Струмица хоспитализирани се 39 пациенти, во Кочани 6, во Кичево 7, Кавадарци 67, а во Гевгелија 16 лица, позитивни и суспектни на корона вирусот.