Фото: Mufid Majnun on Unsplash

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава, е 746 а има околу 920 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 13 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 319 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 29 оздравени пациенти.

Во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 95 пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 118 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 95 пациенти, додека на Иститутот за белодробни заболувања кај децата-Козле има 5 пациенти. На Клиниката за детски болести има едно дете позитивно на ковид-19 вирусот. На Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 5 болни.

Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот во скопските ковид-центри имало 380 празни болнички кревети, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка, порачуваат од Министерството за здравство (МЗ).

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава, според пријавите од болничките капацитети, се лекуваат вкупно 427 пациенти позитивни на корона вирусот или под сомнеж дека го имаат во организмот. Според извештаите на болниците кои пристигнуваат во МЗ на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 48 пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани 50 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 10 пациенти, во Велес се лекуваат 52 болни, а во Куманово 58 пациенти. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 50 пациенти, во Прилеп 34, во ковид центарот во Гостивар 13, а во Струга 16 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 42 пациенти, во Кочани 19, во Кичево 9, Кавадарци 24, а во Гевгелија 6 лица.