fbpx

Во гаража 77 автобуси на „Макекспрес“, линијата 19 четири месеци не го исполнила обемот на услуги од 80%

-

77 автобуси на приватниот превозник „Макекспрес“ остануваат во гаражи. Град Скопје вчера го поништи договорот кој важеше до крај на 2023 година, затоа што според нив, автобусите на линиите број 19, 20, 22, 52 и 54 не ги испочитувале предвидените услови за квалитетни услуги. Од ЈСП велат дека овие линии ќе бидат заменети со нивни автобуси и возачи, пишува Порталб.мк.

Девет дена по бојкотот и обвинувањата меѓу „Макекспрес“ и Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), со потпис на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заврши соработката со оваа приватна комапнија на која Град Скопје ѝ должи половина милион евра.

„Никој од Град Скопје не нè контактирал во врска со вчерашната одлука за поништување на договорот“, изјави сопственикот на „Макекспрес”, Милорад Димитриевски, во врска со настанатата ситуација, и додаде дека се во контакт со другите превозници за да се одлучат за следните чекори.

„Генерално се состануваме со дел од превозниците и бараме некое поприфатливо  решение за да нема по сериозни последици. Сега сме во фаза на преговори, сè уште не сме постигнале договор што по конкретно ќе се прави понатаму. Ние самоиницијативно не возиме, Град Скопје да ги подмири долговите и после ќе продолжиме да возиме како и вообичаено”, вели Димитриевски.

Од ЈСП Скопје денеска изјавија дека линиите со број 19, 20, 22, 52 и 54 функционираат нормално и покрај поништувањето на договорот со приватниот превозник „Макекспрес“ и дека распоредот на возење, рутите и постојките на овие линии остануваат исти, само што наместо приватниот превозник овие линии ќе ги покриваат возила и шофери на ЈСП Скопје.

„Договорот со приватниот превозник „Макекспрес“ е поништен поради непочитување на обврските од договорот со кој се определени условите за јавен превоз. Без разлика на актуелните околности, ЈСП Скопје и Град Скопје во ниту еден момент нема да дозволат корисниците на јавниот превоз  да останат без оваа услуга”, велат од ЈСП Скопје.

Порталб.мк уште вчера упати прашања до ЈСП за бројот на автобуси кои ќе ги покриваат овие 5 линии, но денес од таму изјавија дека немаат што да додадат друго по вчерашното објавено соопштение.

Линијата со број 19 нередовна

На социјалните мрежи е објавено едно решение потпишано од Арсовска во кое се вели дека договорот е раскинат бидејќи линијата со број 19 во текот на месеците мај, јули, септември и октомври не го исполнила предвидениот обем од 80% на услуги предвиден со овој договор.

Во тек на месец мај 2022 година, остварил обем од 78,87% и за ова ЈСП доставило известување до приватниот превозник.

„И покрај доставувањето на известувањето, од месечниот извештај на Оперативниот контролен центар при ЈСП Скопје, број 15-667 од 01.03.2022, доставен до Секторот за мониторинг при Секторот за сообраќај, констатирана е истата состојба и за месец јули 2022 година, односно линијата број 19 остварила обем од само 75,56%. При проверка на извештаите на Оперативниот контролен центар при ЈСП Скопје, К15-12/158/8 од 15.09.2022 година и К15-12/158/9 од 14.10.2022 година за месеците август и септември, Секторот за мониторинг утврдил дека превозникот не обезбедил превоз во обем определен со договорот, кој треба да е најмалку 80%. За месец август, линијата 19 остварила обем од 71,99%, додека пак за месец септември 78,9%“, се вели во одлуката на Град Скопје.

Меѓутоа, нема податоци дали постојат вакви посебни одлуки и за другите линии на „Макекспрес“, или пак и тие се казнети поради линијата број 19.

Оваа линија покрива рута долга околу 12 километри, почнува од Шуто Оризари и завршува во Карпош 4, и обратно. Порталб.мк во неколку наврати пишуваше за хаосот кој владее во оваа линија, на која не се почитува возниот ред што е објавен на веб страната на ЈСП Скопје.

Сведоци на еден ваков конкретен случај бевме на 17 октоври оваа година кога од 08:30 часот до 09:30 часот не сообраќаа дури7 автобуси на линијата 19, поконкретно во следните термини 08:35, 08:43, 08:50, 08:58, 09:05, 09:15, 09:25.

Автобусот кој требаше да дојде во 8:30 часот, пристигна во 9 и 37 минути. Како што можете да видите од сликите, на постојките владее хаос, а воедно една таква ситуација претставува и ризик за време на сезонскиот грип, и кога ковид-19 е сè уште присутен во нашата земја. Голем дел од граѓаните, кои го чекаа автобусот повеќе од еден час, не успеаја да се качат поради преголемата гужва и немањето место за сите патници.

Во мај 2022 година, Порталб.мк алармираше дека поради неисплатата на финансиските средства од страна на Град Скопје, возачите на линиите број 19 и 20 без никакво предупредување престанаа да сообраќаат. Ова предизвика целосен хаос, бидејќи цела општина Шуто Оризари и дел од општина Чаир останаа без јавен транспорт.

Порталб.мк, изврши мониторинг на возниот распоред на автобусите на линијата број 19 во првата недела на месец мај 2022 година, кој покажа дека возниот ред на оваа линија воопшто не е испочитуван. Според возниот ред објавен на веб-страната на ЈСП од 8 до 9 часот требало да сообраќаат 8 автобуси, а всушност имало само 3 автобуси, односно на секои 30 минути, во 8, 8.30 и 9 часот, а некогаш и тие автобуси не сообраќаат.

По написите на Порталб.мк, претставници на Град Скопје се сретнаа со претставници на приватната компанија „Макекспрес“ и изјавија дека се договориле Град Скопје да им исплати 60% од долгот и со тоа оваа линија ќе се нормализира.

Но, и покрај ова, линијата број 19 продолжи да биде нередовна. Граѓаните постојано се жалат дека нередовното сообраќање на оваа линија им предизвикува проблеми во секојдневието, односно при нивното одење и враќање од работа, училиште, болница. Од компанијата велат дека причина за оваа нередовност е „немањето на средства“ како последица на големиот долг од страна на Град Скопје.

Од 2016 година приватните автобуси сообраќаат под еден тарифен систем заедно со ЈСП, вклучувајќи ја и електронската наплата на билети. На приватниците им се исплаќа тарифа за поминати километри, во зависност од цената на горивата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...