Во борба против климатските промени, во Париз ќе се засадат 170.000 нови дрвја

Photo by Dwain Norsa on Unsplash

Аерозагадувањето е еден од проблемите со кои се соочува Париз сиот изминат период, што ги натера тамошните општински власти на одлучен потег. До 2026 година ќе бидат засадени 170.000 нови дрвја низ Париз, јавуваат светските медиуми.

Локалната самоуправа планира да засади нови дрвја на секоја можна локација каде што има простор за оваа намена, почнувајќи од постојните паркови, плоштади и улици, до урбаните автопати околу францускиот главен град.

Во Париз во моментов има околу 200.000 дрвја, а со ваквата акција за урбано пошумување нивниот број би се зголемил речиси за двојно. Француската метропола има автоматизиран систем уште од 2014 година за нејзиниот фонд на дрвја, кои подлежат на дигитална идентификација и нивната проверка се врши секоја година.

Потегот на општинските власти од Париз е дел од борбата против климатските промени. Како што е познато, дрвјата се апсорбирачи на штетниот јаглерод диоксид што се испушта во атмосферата, кој пак е предизвикувач на глобалното затоплување во светот. Колку повеќе здрави дрвја во околината, толку поголема можност за прочистување на воздухот.