Зградата на албанскиот парламент во Тирана; Фото: Бојан Блажевски

Социјалистичката партија на актуелниот премиер Еди Рама е во водство според бројот на освоени гласови на вчерашните парламентарни избори на Албанија, но броењето на гласовите ќе продолжи. Од Централната изборна комисија соопштија дека резултатите ќе бидат познати во рок од 48 часа, јавува сервисот на Дојче Веле на албански јазик. 

Според првичните резултати од преброените гласови 20 отсто од изборните места, партијата на Рама води со 50,19 отсто од гласовите, додека Демократската партија на Љуљзим Баша освоила 39 отсто, a Движењето за социјалистичка интеграција на сопругата на Илир Мета, Моника Круемади има освоено 7,1 отсто од гласовите. Покрај Дојче Веле, и албанската национална новинска агенција АТА утрово јавува дека од пребројувањето на изборните кутии од 1.390 изборни места, резултатите покажуваат водство на партијата на Рама со 49,78 отсто од гласовите, додека демократите на Баша освоиле 38,51 отсто.

Албанската телевизија „Топ ченел“ ноќеска околу полноќ објави дека според нивните броења на гласовите преку излезната анкета, социјалистите на Еди Рама би освоиле 46,9 отсто од гласовите, односно 71 пратеник во албанскиот парламент. Наспроти нив, демократите на Љуљзим Баша би освоиле 43,5 отсто од гласовите, што е доволно за 63 пратенички места. Движењето за социјалистичка интеграција би освоила 6,9 отсто од гласовите, односно 6 пратенички места.

Албанскиот парламент брои 140 пратеници, а за формирање на идната албанска влада се неопходни 71 пратеник. Опозицискиот лидер Љуљзим Баша вчеравечер прогласи победа, и тоа само два часа откако беше завршено гласањето на изборните места. Вчерашните парламентарни избори во Албанија се одржаа во услови на длабока политичка поделба во земјата и анимозитет меѓу главните политички лидери на партиите и претседателот Илир Мета и премиерот Еди Рама.