Oбвинителката Фатиме Фетаи тргна отворено против сите граѓани што одлучија да излезат на протест против спречување на изградба на црквата во Општина Центар, откако и претставници на Македонската православна црква и здружението на граѓани „Веритас“ се спротивставија на намерите на Андреј Жерновски и на советниците на СДСМ да не дозволат да се гради црквата „Св. Константин и Елена“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ  по повод денешните обвиненија на Специјалното јавно обвинителство.

Во него се додава дека обвинителката Фатиме Фетаи решила да тргне против верниците кои имаат уставно загарантирано право на протест и имаат право да го изразат сопственото негодување со политиките на Жерновски и на СДСМ, само поради тоа што предизвикале материјална штета од 20 евра.

„Фатиме Фетаи и Катица Јанева ги игнорираат штетите од милиони евра предизвикани од вандалите на платеничката револуција. Фатиме Фетаи и Катица Јанева ги игнорираат повиците на аболираниот криминалец Зоран Заев и на Радмила Шекеринска и нивната поддршка во палењето, демолирањето, ограбувањето и во уништувањето на институции и на културно-историски споменици при вандалското однесување на членовите на платеничката револуција“, се додава во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Фатиме Фетаи и Катица Јанева имаат само една цел, а тоа е неосновано да го оцрнуваат раководството на ВМРО-ДПМНЕ само поради тоа што било и ќе биде на страна на народот.

„Фатиме Фетаи и Катица Јанева не ја познаваат ВМРО. ВМРО издржала многу покритични напади од нивните. ВМРО ќе ги издржи и овие нарачани политички случаи и ќе остане со народот“, се додава во соопштението.