ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со затворањето на загадувачите Осломеј до 2023 година и на РЕК Битола до 2027 година

Фото: Еко свест

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со затворањето на Осломеј до 2023 година и на РЕК Битола до 2027 година, бидејќи тоа, како што изјави денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски, ќе остави 4.000 семејства на улица и најмалку уште 40.000 кооперанти кој што зависат од работата на овие два производни капацитети на базна енергија. Мицкоски информираше дека партијата нема да го поддржи Законот за поддршка на ликвидноста на АД ЕСМ во парламентот бидејќи како услов за користење на средствата на АД ЕСМ се наведени затворањето на двата капацитети.

Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите алатки во парламентот или популарно наречено филибастеринг овој закон да не помине.

Затворањето на Осломеј и РЕК Битола како загадувачки капацитети кои работат со фосилни горива е веќе предвидено со Стратегијата за енергетика која се усвои во 2019 година, а зеленото сценарио е основата и на долгорочната Стратегија за климатска акција. Документот кој се донесе минатата година предвидува намалување на емисиите на стакленички гасови за 72 отсто до 2050 година во споредба со нивото од 1990 година. Оваа амбициозна цел предвидува инвестиции пред се во енергетскиот сектор, како еден од главните извори на стакленички гасови. Со овие инвестиции предвидено е да создадат околу 10.000 зелени работни места до 2035 година, што претставува 2,7 пати повеќе од бројот кој сега се вработени во термоцентралите на јаглен.

Граѓанските организации повеќе години наназад се залагаат институциите да покажат вистинска заложба да се изгради ниско-јаглеродна економија која ќе и донесе на земјата одржлив и климатски отпорен развој. Транзицијата кон обновливи извори на енергија е неизбежна и земјава преку повеќе меѓународни документи се обврзува дека ќе го следи тој пат. Екологистите многупати досега предупредуваа за ранливоста на регионите каде што се наоѓаат големите капацитети и побараа праведна транзиција и градење политики за создавање нови зелени работни места кои ќе гарантираат сличен начин и ниво на живот и заработка, шанса за преквалификација на работниците и учество на сите засегнати страни во процесот.