Дали е возможно до 2050 година да ги намалиме за 72 отсто емисиите на стакленички гасови?

Панорама на Скопје од Водно | Фото: Sean Kuriyan на Unsplash

Намалување на емисиите на стакленички гасови за 72 отсто до 2050 година во споредба со нивото од 1990 година, е амбициозната цел поставена во новата Стратегија за климатска акција, која неодамна беше донесена. Тоа би бил придонесот на земјава кон глобалниот напор за ублажување на последиците од климатските промени.

Документот предвидува инвестиции од 35 милијарди евра во следните три децении, од кои најголем удел треба да заземат проектите во енергетскиот сектор, во документот препознаен како еден од главните извори на стакленички гасови. Овие инвестиции предвидено е да создадат околу 10.000 зелени работни места до 2035 година, што претставува 2,7 пати повеќе од сега вработените во термоцентралите на јаглен.

Крајната цел е земјата до 2050 година да стане просперитетна ниско-јаглеродна економија која ќе ги следи одржливите и климатски отпорни развојни патишта.

Од Центарот за истражување и информирање за животната средина, „Еко свест“ посочуваат дека целта за намалување на националните нето емисии на стакленички гасови за 72 отсто до 2050 година е навистина амбициозна. Тие сметаат дека возможно е да се исполни само доколку јасно се дефинираат мерките и одговорните институции, изворот на финансии како и со активна соработка и координација со локалните власти.

Од досегашното искуство во земјава, добрите закони, стратегии и визии, кои не се следат со соодветна имплементација, се реална закана и за целите на овој документ.

Според „Еко свест“, финансиите за исполнувањето на целите зацртани во стратегијата не би требало да бидат кочница, доколку постои навремено планирање и јасно дефинирање на улогите на сите релевантни институции и активна вклученост на општините.

„Стратегијата е добар првичен документ кој ги зацртува целите и визијата кон кои треба да се движиме кон климатска акција. Како земја во развој за нас се достапни повеќе фондови кои ги користиме и може да ги искористиме за намалување на емисиите и прилагодување кон климатските промени. Но, потребно е и мобилизирање на домашниот буџет во оваа насока“, посочуваат од организацијата.

Во очи на Конференцијата за клима COP26, која ќе се одржи во ноември годинава, Стратегијата за клима е уште еден документ, покрај ажурираниот Национален придонес, со кој земјава се обврза, заедно со земјите од Парискиот договор, да го даде својот придонес во ограничувањето на глобалното затоплување.

„Од фундаментално значење е визијата и целите на оваа стратегија да бидат интегрирани во агендите на ресорните министерства и тие да навлезат во соодветните секторски политики“, посочуваат од Министерството.

Оттаму додаваат дека стратегијата предвидува изградба на солидни системи за редовно и периодично собирање податоци за производство и дисеминација на научни и технички знаења. Ова особено се однесува на секторите земјоделство, водни ресурси, биодиверзитет, човеково здравје и социо-економски развој. Цел е и да се зголеми отпорноста на влијанијата на климатските промени врз клучните социо-економски сектори и екосистеми.

„Најголемите зафати, секако ќе мора да се направат во енергетиката. Овој сектор има најголем удел во емисиите на стакленички гасови и за него има предвидено и најмногу мерки за ублажување или намалување на емисиите на стакленички гасови. Потенцијалните извори за финансирање на инвестициите се дефинирани поединечно за секоја мерка и истите се содржани во Акцискиот план за спроведување на Стратегијата“, информираат од Министерството.