Владата со предлог за нов Закон за македонски јазик, ќе има и стипендии за студенти

Фото: Мета.мк

Владата на денешната седница го разгледа и утврди текстот на Предлогот на закон употребата на македонскиот јазик, информираат од владината прес-служба.

Новопредложениот Закон е од Министерството за култура, а се заснова на: подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо; афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба на македонскиот јазик во јавната и во службената комуникација; почитување и унапредување на јазичниот стандард и организирање активности во оваа насока.

Од владата образлагаат дека постојниот Закон за употребата на македонскиот јазик нуди многубројни решенија и механизими за градење соодветна јазична политика, но Министерството за култура смета дека е потребно тие да се прошират и со дополнителни механизми во функција на зајакнување на почитувањето на македонскиот стандарден јазик и неговата правилна употреба.

„Од тие причини, се предлага донесување нов Закон за употребата на македонскиот јазик, со којшто ќе се прошират областите во коишто задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање текстови што се објавуваат: општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа, службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката“, стои во владиното соопштение.

Со предлогот на Законот ќе се даде правна основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик. Исто така, Министерството за образование и наука ќе објавува конкурси за стипендирање кадри за изучување на македонскиот јазик.

„Како и досега – и со овој закон проверката на потребното стручно знаење за лекторирање ќе се врши преку полагање испит за добивање лекторска лиценца. За вршење инспекциски надзор над примената на Законот се предлага основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице“, велат од Владата на РСМ.

Владата на денешната седница го разгледа и утврди и текстот на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот државните награди, со што предлага воведување две нови државни награди.

На Иницијатива од Советот за македонски јазик, како што соопшти предлагачот, Министерството за култура, се предлага да се востанови нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјава и во странство, којашто се предлага да го носи името на Блаже Конески – основач на современата македонска наука за јазикот, лингвист, литературен и културен историчар, поет, прозаист и преведувач.

По Иницијатива на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, како што соопшти Министерството за култура, се предлага да се востанови уште една нова државна награда, за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на албанскиот јазик и  албанологијата во земјава, којашто, се предлага да го носи името на Ремзи Несими – лингвист, просветен работник и учесник на Конгресот за правописот на албанскиот јазик во 1972 година.