fbpx

Вистиномер: Вакцините не се тивко зло, не одбивајте да ги заштитите децата од смртоносни болести

-

Не е точно дека вакцините се штетни, дека се тивко зло, како што тврди оваа објава на Фејсбук која повикува децата да не се вакцинираат. Напротив, вакцините спасувале и спасуваат милиони луѓе годишно. Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу деца и возрасни ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Фејсбук објава неосновано ги убедува корисниците на социјалните мрежи да не ги вакцинираат своите деца односно да ги одбиваат вакцините затоа што се тивко зло. Ова тврдење не само што е неточно туку може да предизвика голема штета врз здравјето на децата но и врз колетивното здравје.

Молам одбивајте секакви вакцини за вашите деца и бебиња.
Тивко зло.

Не е точно дека вакцините се штетни. Напротив, тие спасувале и спасуваат милиони луѓе годишно.

Но, покрај тоа што бројни студии не нашле докази дека вакцините предизвикуваат аутизам и други хронични болести, сè поголем број родители одбиваат да ги вакцинираат своите деца. Всушност, никогаш немало ниту една веродостојна студија која ги поврзува вакцините со долгорочни здравствени состојби.

Многу родители, некогаш и под влијание на социјалните мрежи, немаат доверба во вакцините. Истражувањата, сепак, покажуваат дека повеќето од најголемите стравови на родителите за вакцинација се неосновани.

Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно допринесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу деца и возрасни ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Според СЗО, вакцинацијата е едноставен, безбеден и ефикасен начин за заштита на луѓето од штетни болести, пред да дојдат во контакт со нив. Вакцините ја користат природната одбрана на вашето тело – имунолошкиот систем за да ги препознае и да се бори против вирусите и бактериите, а со тоа да создаде отпорност на специфични инфекции. По вакцинацијата, ако телото подоцна е изложено на тие микроби што предизвикуваат конкретна болест, веднаш е подготвено да ги уништи, спречувајќи да се развие болеста.

Во некои случаи, природниот имунитет – што значи всушност фаќање болест и разболување – резултира со посилен имунитет на болеста отколку вакцинацијата. Сепак, опасностите од овој пристап многу ги надминуваат придобивките. Ако сакате да стекнете имунитет на сипаници, на пример, со заразување со болеста, ќе се соочите со 1 од 500 шанси за смрт од вашите симптоми. Спротивно на тоа, бројот на луѓе кои имале тешки алергиски реакции од вакцината за МРП е помал од еден во еден милион.

Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести.

Имунолошкиот систем на бебињата не е целосно развиен при раѓањето, што може да го стави бебето на поголем ризик за инфекција. Вакцините го намалуваат ризикот од инфекција на вашето дете работејќи со природната одбрана на телото за да помогне безбедно да се развие заштита од болести.

Вакцините се тестираат за да се осигура дека тие се безбедни и ефективни за децата да ги примаат на препорачаната возраст. Пред да им се даде нова вакцина на луѓето, се прават опсежни лабораториски тестови. Штом ќе започне тестирањето кај луѓето, понекогаш може да поминат години пред да завршат клиничките студии и вакцината да биде лиценцирана. Откако вакцината е лиценцирана здравствените власти ја следат нејзината употреба и ги испитуваат сите потенцијални безбедносни проблеми.

Во С. Македонија постои календар за редовна имунизација на децата. Во тој календар е предвидено која вакцина на која возраст треба да се прими, почнувајќи од првите 24 часа од раѓањето на новороденчето. Задолжителни се вакцини против поголем број болести како што се туберкулоза, полиомелитис, морбили, рубеола, хепатитис Б, паротитис епидемика (заушки), хемофилус инфлуенца тип Б, човечки папиломен вирус, дифтерија, тетанус и пертусис. Сите овие вакцини предвидени во календарот, се задолжителни според Законот за заштита на населението од заразни болести каде се предвидуваат и казни за неспроведувањето.

Целта на имунизацијата, против која било болест, е да спречи тежок облик на болеста и смртност, односно да спаси човечки животи. Освен тоа, со вакцинирањето не се заштитуваме само себеси, туку и оние околу нас. Ова е особено важно, бидејќи одреден дел од популацијата не смее да прими вакцина, како на пример лица болни од одредени болести или оние кои што имаат компромитиран имун систем, па така, тие зависат од останатите, кои треба да се вакцинираат и да помогнат да се спречи ширењето на болестите.

Благодарејќи на имунизацијата многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, односно морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи без смртен исход и трајни последици.

Со гледање на пошироката слика и земајќи ги предвид сите истражувања и факти, никако не може да се изведе заклучок дека вакцините се тивко зло и дека децата не треба да се вакцинираат. Вакви фабрикувани објави коишто се дел од една поширока антиваксерска кампања, сериозно може да му наштетат на здравјето на децата но и на колективното јавно здравје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...