Фото: Вистиномер.мк

Секое домаќинство во земјава годишно продуцира стотици килограми биоразградлив отпад којшто заедно со останатиот непотребно завршува на депониите, без да се искористи за производство на биоѓубриво. Процентот е многу поголем во земјоделските региони, каде фармерите остатоците од градинарски култури – зелена лисната маса, зеленчук, овошје, ги фрлаат и формираат диви депонии без да го искористат нивниот потенцијал  преку компостирање. ЕУ бара поголема меѓусекторска координација на институциите во земјата, да се зголемат финансиските ресурси за намалување на аерозагадувањето, но и да се воспостават регионални системи за управување со отпадот, пишува „Вистиномер“.

Анализата подолу ја пренесуваме во целост:

Југоисточниот регион, кој брои околу 180.000 жители, се смета за еден од најголемите земјоделски региони. Годишно од овој дел на државата преку комуналните претпријатија на вкупно 10 општини се собираат околу 42 илјади тони разновиден отпад, иако се претпоставува дека најмалку уште 10 илјади тони завршува на т.н. диви депонии, претежно во атарите на населените места. Според  Регионалниот план за интегрирано управување со отпадот во Југоистокот, изработен од Градежниот институт од Скопје, годишно се фрлаат околу 22 илјади тони биоразградлив отпад, што преставува нешто повеке од 50 отсто од целиот отпад што завршува по депониите кои се нестандардизирани и служат само за депонирање без никаква селекција или искористување за топлинска енергија.

Во овој регионален план акцент даваме и за домашното компостирање бидејки како регион сте познати по земјоделие. Имате премногу рурално население кое може да компостира дома со што ќе се намалат количините на одложен отпад во депониите, а од друга страна ќе се подобри услугата на комуналните претпријатија кои нема потреба толку често да собираат отпад од селата, нема да има потреба од селекција бидејки отпадот ќе биде селектиран, а земјоделците ќе може да профитираат со произвдоство на органско ѓубриво, вели м-р Игор Ристовски од Градежниот институт од Скопје

Структурата на отпадот во 10 општини во Југоистокот на годишно ниво – Извор: Регионален план за упраување со отпадот

Според структурата на целиот отпад во Југоистокот на годишно ниво, најголемиот дел или околу 24 отсто е органска храна, 16 е градинарски, а 15 отсто отпаѓа на дрво и хартија. Сите овие компоненти може да се искористат како биомаса за компост, но ретко кој го користат како обновлив извор на енергија или биоѓубриво. Станува збор за градинарски отпад кој се фрла покрај селски патишта и диви депонии, кога производството не оди и кога една површина се чисти и се спрема за нова седидба.

Агроекспертите сметаат дека органското ѓубриво е најпогодно за прихранување на градинарските култури но и лозовите и овошни насади. Според агрономот Ивановски, со компостирањето се врши заштита на животната средина, а со добивање и употреба на компостот се подобрува структурата на почвата и се овозможува да се задржат хранливите материи како азотот, фосфорот, калиумот, како и други микро хранливи елементи бакар, железо и цинк кои вршат контрола од болести и инсекти.

Кај земјоделците едноставно има незаинтересираност и скептицизам дека од остатоците од градинарски производи може да се добие квалитетно органско ѓубриво. Постои страв дека преку компостот може да се пренесат одредени болести ако претходно дошло до некакво заболување на зелената маса или пак од расипани градинарски производи или овошје, што воопшто не е точно. Земјоделците или треба да направат сидерација – оставање на остатоците во нивите и со микробиолошки ѓубрива да го интензивираат разложувањето на органските материи, или остатоците од површините да се соберат на едно место кое со постепено промешување и контрола на влажноста да произведат компост, вели Ивановски.

М-р Игор Ивановски апелира земјоделците да не го фрлаат органскиот отпад Фото: Вистиномер

Земјоделците имаат слушнато дека од остатоците од зелената маса при чистење на одредена површина со се плодовите што ги фрлаат, може да направат ѓубриво, но не знаат како. Велат дека никој ги нема едуцирано како тече постапката, како се добива тоа ѓубриво и колку тоа е квалитетно. Ило Иванов од Градашорци, кој обработува околу еден хектар пластеници, признава дека дел од производството и зелената маса, кога спрема нов производствен турнус ги остава да скапуваат на локации кои се сметаат за селски депонии.

Органско ѓубриво купувам, но не произведувам. Едно пакување од 25 килограми чини и до 1.500 денари. За секој производствен циклус трошам најмалку 300 евра. Мора некој да ни се објасни како се прави, или пак, како држава да ни обезбедаат одредена опрема во која ќе го складираме овој отпад за да добиеме органско ѓубриво. Инаку, еве две запрежни коли полни со остатоци од праз и домати ќе ги фрлам на буниште. Сакав на нива таму да гнијат, но веќе имам подигнато пластеници и нема каде, објаснува Иванов.

Компостирање во домашни услови Фото: Вистиномер

Освен во компостерски садови, органско ѓубриво може да се произведува и на отворено со ,„трупање’’ на органски отпад и негово привремено аерорастресување. На овој принцип работи  фирмата ,,Интереврогенекс’’ од струмичко Ново Село, една од ретките која ги собира сите растителни отпадоци, а ја собира и зелената маса од напуштени ливади и мочуришта. На површина од околу 3 хектари на излезот од Ново Село кон Мокриево, има редови купишта со остатоци од исецкано сено, грав, пченка и друг вид градинарски култури. Оваа семејна фирма веќе трета година произведува компост прво како експериментално, но сега посериозно, бидејки европскиот пазар се стреми на биоѓубриво.

Освен што имавме огоромни купишта со остатоци од билки, цветови и плодови, кај нас постојано се палеше и трската од околните ливади и мочуришта. По цели денови беше загаден воздухот овде во Ново Село, па се одлучивме да ја собираме и зелената и исушена маса од овие површини и преку процес на компостирање на нашата фимра и производство да му дадеме додадена вредност. Годишно произведуваме околу 400 метри кубни компост за што собираме околу 4.000 кубни зелена маса. Ја оставаме овде, со машина ја растресуваме  одвреме навреме во зависност од временските услови. Во завиност од времето еден турнус може да се добие и за половина година. Има интерес го користат за оранжерии и цвеќарници со оглед на одличните вредности што ги поседува ова ѓубре, вели Цветанчо Ѓеоргиев

Отворнео компостирање во Ново Село каде семејната фирма на Ѓеоргиев го сладира органскиот отпад Фото: Вистиномер

 

Во ниту една општина на Југоистокот не се прави селекција на отпадот

Биомасата, како потенцијален обновлив извор на енергија во Југоистокот, ја има најмногу во Василево, Гевгелија и Радовиш. Големи се потенцијалите и во Струмица и Валандово, што не може да се каже за останатите општини од овој дел на државата. Сите овие општини се сметаат за најземјоделски со оглед дека домакинствата се занимаваат за производство на зеленчук и одгледување на лозови и овошни насади, при што секоја година тони органски отпад завршува на депонии, но не се користи ниту за органско ѓубриво. На овој најчин губат и фармерите и локалната заедница, но и државата која согласно ЕУ регулативата значително треба да го намали отпадот преку процес на селекција и преработка.

Во ниту една од општините од Југоистокот не се прави селекција на отпадот, ниту пак, имаат современи  депонии од кои може да се заработува.  Речиси сите општини имаат само локации каде се депонира кои знаат често да чадат и носат  дополнително загадување. Со години се договара изградба на регионална депонија кај  населеното место Добрашинци, Оопштина Василево, но постапката сè уште е на почеток.

Потенцијалите на Југоистокот за обновливи извори на енергија Извор: Регионален план за управување со отпадот

Европската Унија во последниот Извештај забележува дека Северна Македонија има одредено ниво на подготвеност во оваа област. Во него се наведува дека е постигнат ограничен напредок во заштита на природата.

Земјата е поттикната значително да ги засили амбициите во однос на зелената транзиција, особено во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан. Повеќето минатогодишни препораки не беа спроведени. Во наредната година, земјата особено треба да ја подобри меѓусекторската координација и да ги зголеми финансиските ресурси за намалување на загадувањето на воздухот, на локално и национално ниво, да преземе значителни чекори за воспоставување регионален систем за управување со отпад, да го спроведе Договорот од Париз, вклучително и усвојување на сеопфатна климатска стратегија и донесување закон, во согласност со Рамката на ЕУ, стои во последниот извештај на ЕК за напредокот на земјава на европскиот пат.