fbpx

Високите температури се ризик за труење со храна, внимавајте што јадете и од каде купувате

Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично, препорачуваат одговорните во АХВ

-

Во лето, кога дневните температури се високи, мора да се внимава на безбедноста на храната што се консумира. Топлото време ги зголемува ризиците од појава на труење со храна, а за да се спречи тоа, неопходно е да се направи правилен избор при нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување.

Како што за Мета.мк потенцираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), неопходно е да се води сметка за изгледот на храната, рокот на употреба и соодветното чување, да се купува од проверени места каде има услови и каде производите, посебно лесно расипливите од животинско потекло, се чуваат во разладни уреди.

„Треба да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната). Разладените или замрзнати производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што е месото, млекото, јајцата и друго да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Треба да се избегнува купување на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач“, препорачуваат во АХВ.

Освен тоа, разладената храна треба да се чува на температура пониска од 5 Целзиусови степени, а храната која треба да се зготви, треба термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 Целзиусови степени. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, додека месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат.

По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти, глодари и од домашните миленичиња и другите животни кои може да дојдат во контакт со неа.

„Ако јадете во угостителските објекти, внимавајте тоа да се оператори со храна кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично. Ако сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја“, наведуваат во АХВ.

Инаку пред почетокот на секоја туристичка сезона, како и пред секоја поголема манифестација од отворен тип каде се подготвува или послужува храна, инспекциските служби на АХВ вршат вонредни, засилени контроли на операторите со храна.

„Со вонредните контроли во туристичките центри во земјава каде се очекува зголемена фреквенција на туристи, опфатени ќе бидат хотелите, рестораните, пицериите, слаткарниците, бурекчилниците, пекарниците, сендвичарниците, ќебапчилниците, кафе баровите, маркетите“, велат во АХВ.

Оттаму апелираат граѓаните да ја пријават секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22, лично во Агенцијата, или на електронската пошта [email protected].

Во Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) пред извесно време за Мета.мк информираа дека годинава е регистрирано само едно труење со храна. И минатата година исто така имало само едно труење.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...