(Видео) Пендаровски со поддршка за Ембла: Да ја кренеме свеста дека инклузијата е основен принцип

По бројните реакции во јавноста откако таткото на четвртоодделенката Ембла Адеми обелодени дека заради петиција на родители на нејзините соученици девојчето не може да посетува настава во одделението заедно со другите деца, денес и претседателот Стево Пендаровски изрази поддршка.

„Во ова општество сите сме еднакви. Дојдов да ја дадам мојата поддршка и да ја кренеме свеста дека инклузијата е основен принцип“, рече претседателот Пендаровски.

Претседателот за време на посетата семејството на Ембла Адеми во Гостивар и основното училиште „Единство“ каде Ембла ја следи наставата, истакна дека се неприфатливи однесувањата на оние кои на кој било начин ги загрозуваат правата на децата, дотолку повеќе кога станува збор за деца со атипичен развој.

„Тие не само што треба да ги уживаат правата кои им следуваат, туку и да се чувствуваат еднакви и добредојдени во училишните клупи и училишниот двор. Тоа е наша обврска, како држава, но и како поединци, а клучниот елемент во оваа заедничка мисија е емпатијата. Таа ќе им помогне на децата како Ембла, но ќе ни помогне и нам, да научиме од нив како искрено да се радуваме, да споделуваме и да бидеме солидарни“, додаде претседателот.

Претседателот со родителите на Ембла разговараше за предизвиците со кои таа и нејзиното семејство се соочуваат на дневна основа, фокусирајќи се на можностите за нивно надминување. Тој ги охрабри и поддржа родителите во нивната борба за заштита на правата на децата со атипичен развој и ја поздрави брзата реакција на Народниот правобранител и одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација да отвори постапка за случајот со Ембла.

Пендаровски ја нагласи важноста од запазување на законските одредби на инклузија во образованието, потенцирајќи ја општествената одговорност особено кон ранливите групи.

„Инклузивноста како стремеж кој не треба да остане само декларативен, туку преку пракса да се користат потенцијалите на лицата со атипичен развој. Предрасудите во тој контекст се главната пречка за изградба на еднакво и праведно општество за сите,“ истакна тој.

Претседателот додаде дека ресорните министерства и надлежните институции имаат законска, но и морална обврска да овозможат инклузивно образование, во кое главниот фокус ќе биде развивање вештини и способности кај децата со различен развоен процес, нагласувајќи ја потребата од сензибилизирање на јавноста по овие прашања.

Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Минатата недела откако Мета.мк упати конкретни прашања од Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат дали директорот и наставниците од училиштето каде што учи Ембла ќе бидат санкционирани следеше брза реакција.

Тогаш, Омбудсманот формира тим кој ќе ги проверува сите наводи за случајот и треба да оствари средби со родителите на Ембла, но и родителите кои ја потпишале петицијата.

Во четвртокот минатата недела реагираше и Хелисиншкиот комитет за човекови права.

„Петицијата на родители против дете со Даунов синдром е најновиот пораз на нашето општество кога станува збор за односот кон најранливите меѓу нас. Вкоренетите предрасуди повторно преовладаа над основните принципи на солидарност и емпатија.

Раководството на образовната установа во Гостивар со своите дејствија приклучило кон дискриминаторите, наместо да стави во заштита на едно дете, за чија инклузија има не само морална, туку и законска обврска“, порачаа тогаш од Хелсиншкиот комитет.