Вестминстер: Политичките партии ги сметаат младите за реципиенти на политики, наместо актери на нивно креирање

John Schnobrich, Unsplash

Во програмите на партиите и коалициите за парламентарните избори 2020 постои тенденција на младите да се гледа примарно како на реципиенти на политики, а многу помалку како актери во нивното создавање и имплементација. Со други зборови, на младите им се придава пасивна улога, што е евидентно не само според начинот на артикулација на самите политики, туку и според самата нивна природа. Ова го покажува анализата „Младинско политичко отсуство: Анализа за позицијата на младите на парламентарните избори 2020“ на Фондација за демократија Вестминстер.

„Повеќето од партиите не нудат прецизни решенија за најкрупните младински проблеми. Самите заложби често се одликуваат со реторички, апстрактни и нереални ветувања, без притоа да бидат наведени основни параметри со кои би можело да се оцени степенот на остварливост и начинот на реализација. Оттука, анализата недвосмислено укажува на потребата партиите да работат на подобра елаборација на младинските проблеми во своите програми на начин на кој ќе обезбеди подобра можност на младите да ги формираат своите гласачки одлуки“, стои во анализата.

Меѓу другото, во истражувањето се елаборира и присуството на младите на листите на кандидати за парламентарните избори 2020 со што се покажува дека во однос на дистрибуцијата на пратеници непосредно во формирањето на Владата во споредба со претходните два собраниски состави нема значајни разлики во поглед на просечната возраст и опсегот на најмладите и највозрасните членови на Собранието на РСМ.

Според податоците од истражувањето, младите во голем дел отсуствуваат од политичките процеси поврзани со парламентарните избори 2020, како од аспект на нивно учество на самите листи за пратеници, така и од аспект на нивното претставување во изборните програми. И покрај тоа што политичките партии често се повикуваат на младината како двигател на општествените текови, податоците покажуваат дека во практиката тоа не се поттикнува и не се овозможува.

„Вреднувањето на гласот на младите во политиката и во изборниот процес сè уште е на незадоволително ниво и претставува област во која се потребни низа подобрувања во иднина“, се вели во анализата и се додава дека младите претставуваат важна тема во изборните програми на само дел од партиите (најчесто поголемите), при што речиси половина од партиите имаат наведено незначителен број мерки за млади, што е загрижувачки имајќи предвид дека младите претставуваат значителен дел од електоратот.

Истражувачите додаваат дека како најчесто споменувани мерки за млади се издвојуваат тие во областа на економијата и образованието, но во овие области, како и во останатите, партиските програми не нудат мерки што битно се разликуваат според својата суштина.

Според студијата, во програмите на партиите и коалициите евидентен е недостигот на мерки во низа области, меѓу кои и ефектите од кризата со пандемијата ковид-19, евроинтеграциските процеси, правдата и младинските права, како и екологијата.

Препораките од истражувањето се дека политичките партии треба да ја поттикнуваат вклученоста на младите и нивната улога во самите партии и нивните раководни органи. По изборите, политичките партии треба да дискутираат на заедничките прифатливи мерки во областите каде се преклопуваат, за поголема соработка во интерес на младите, а механизам за тоа може да биде интерпартискиот Клуб за младински прашања и политики во Собранието.

Целосното истражување може да се погледне на овој линк.