Вардар е една од последните реки со делумно слободен тек во Европа која мора да добие заштита

Долното течение на нашата најголема река, која ја опфаќа и Демиркаписката клисура е еден од највредните природни резервати во земјата, Емералд подрачје кое треба да ужива заштита заради богатството на биодиверзитетот и важна област за птиците- IBA локација

Фото: Валерија Кленова

Вардар е една од последните реки во Европа кои имаат во некој свој дел слободен тек. Долното течение на нашата најголема река, која ја опфаќа и Демиркаписката клисура е еден од највредните природни резервати во земјата. Таа е Емералд подрачје кое треба да ужива заштита заради богатството на биодиверзитетот и важна област за птиците – IBA локација, особено за белоглавите и египетските мршојадци, кои се наоѓаат на листите на загрозени видови. Во Вардар има повеќе ендемични видови, а има и посебна крајбрежна вегетација. Во реката нема бариери, живеалиштата се претежно природни, а пејзажите се живописни и прилично зачувани.

Клисурата е мапирана и како потенцијално Натура 2000 подрачје, а според Директивата за птици и живеалишта на ЕУ, денес таму живеат 149 видови на птици. Иако целокупната состојба со квалитетот на водата на реката Вардар не е поволна, долниот дел од реката се смета за втора категорија, со многу помалку загадувачки и повисок хидролошки статус. Исклучителните вредности на долниот тек на Вардар во делот на Демиркаписката клисура биле препознаени уште во минатиот век, особено посебната геоморфологија на клисурата.

Заради својата вредност, Вардар, заедно со уште 12 реки, последните диви водотеци од Југоисточна Европа, стана дел од иницијативата „Заедно за реките“, на светската организација за заштита на природата The Nature Conservancy (TNC), која работи со шест партнерски организации од пет земји од регионот, а во земјава е партнер на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко Свест“. Иницијативата треба да придонесе не само за заштита на природните вредности, туку и за одржлив економски развој на локалната заедница на подрачјето на Демир Капија.

„На Балканот се наоѓаат последните диви, недопрени, неоштетени реки на европскиот континент и од исклучителна важност е да започнеме со нивната заштита. Долното течение на Вардар низ Демиркаписката клисура заедно со притоките Дошница, Бошава и Иберлиска река, се исклучително вредни за заштита,“ вели Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“.

Демиркаписката клисура, посочува Митревски, уште во шеесетите години од минатиот век била прогласена за заштитено подрачје, но според важечкото законодавство таа не ужива активна заштита. Неопходно е да се почне постапка за репрогласување и да се направи Студија за ревалоризација на вредностите на подрачјето, врз база на што ќе се определи и територијата и зоните на заштита и ќе се даде предлог за категоријата на заштита. Во соседна Грција, Вардар и делтата се веќе заштитени како Натура 2000 подрачје, заради што е исклучително важно реката да се заштити и во нашата земја и на тој начин да се создаде поголем био коридор.

Специфично за иницијативата „Заедно за реките“, посочува Митревски, е што за првпат и кај нас и во регионот се работи на позитивна кампања за заштита на реките, за разлика од досегашните активности кои беа главно насочени кон решавање на акутни проблеми, како што е изградбата на мали хидроцентрали, инфраструктурни проекти или други човечки зафати со кои се нападнати реките.

„Идејата на овој позитивен пристап на заштита на реките е вклучување на сите засегнати страни од самиот почеток. Во процесот на заштита на Демиркаписката клисура и Вардар со притоките, кој штотуку го започнавме, уште од самиот почеток ги вклучивме сите чинители – населението, граѓанските организации, приватниот сектор, локалната самоуправа и државните институции. Сметаме дека е неопходно да се земат во предвид сите ставови, мислења и аргументи уште на самиот почеток, додека се формира иницијативата за заштита на подрачјето од која би имале бенефит сите чинители,“ вели Митревски.

Реката Мрежница исто како и Вардар, е една од последните реки во Европа која има делумно слободен тек. Таа е една од четирите реки на градот Карловац во Хрватска и една што ќе добие заштита во рамките на иницијативата „Заедно за реките“. Екипа на Мета.мк неодамна го посети Карловац и ги истражи хрватските искуства во заштитата на природните богатства на слатките води.

Река Мрежница, Карловац, Хрватска Фото: Мета.мк

„Во Хрватска има повеќе заштитени реки. Во построга заштита се Крка, која е дел од Националниот парк Крка и делови од Зрмања, а во пониски категории се заштитени делови од реките Слуњчица и Крчиќ. Она што го работиме сега во рамките на иницијативата „Заедно за реките“ е еден поинаков вид на заштита на слободниот тек на реките во регионот. Такви слободни реки во Хрватска се Мрежница, Корана, Зрмања во поголемиот тек и дел од Купа“, вели Ирма Поповиќ Дујмовиќ од TNC-Хрватска.

Вакви реки, според Поповиќ Дујмовиќ, во Европа веќе тешко се наоѓаат. За да се заштитат важно е да се слободни во поголемиот дел од течението и да немаат поголеми интервенции во просторот што би ја спречувала природната динамика на реката.

„Мрежница има една мала хидроцентрала која го сврте целиот тек на реката што предизвика еден помал водопад во летните месеци да се соочува со недостаток на вода. Тоа сакаме да го спречиме во иднина заради тоа што оваа река не заслужува таква судбина. Хидроцентралата е изградена пред седум-осум години и до денеска се прашуваме како тоа воопшто беше дозволено“, вели Поповиќ Дујмовиќ.