УСС-УКИМ најави протест пред МОН во понеделник

Студентите се револтирани, меѓу другото, од неисплаќањето на стипендиите

Фото: Мета.мк

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС-УКИМ) вчеравечер на социјалните мрежи најави студентски протест во понеделник (05.02) во 14 часот пред Министерството за образование (МОН).

Тие велат оти протестираат против неправдите врз студентите и против неефикасното работење на МОН.

Протестот на студентите доаѓа по реакциите од студентските организации дека стипендиите за постојните и новите корисници доцнат. Од МОН за Мета.мк неделава рекоа дека најдоцна до петок (вчера, 2 февруари) налозите за исплата на стипендиите „ќе бидат реализирани“, но студентите до овој момент не добија ниту една рата од стипендијата, ниту пак им стигна финансиската поддршка за меѓуградски превоз за јануари.

Во најавата за протест, УСС-УКИМ ги повикаа студентите, останатите универзитетски собранија како и сите останати студентски организации да им се придружат на протестот.

„Проблемите се многу. Сплотени, ние сме уште повеќе“, велат од УСС-УКИМ.

Дел од стипендиите и поддршката за меѓуградски превоз за студентите ќе бидат исплатени до утре