fbpx

Украина изминативе месеци со помала помош за справување со руската агресија

Официјален Кијив од август до октомври годинава добил помош во висина од 2,11 милијарди евра, што е нешто повеќе од десетина во споредба со истиот период од минатата година и е најмала помош од јануари 2022 година, односно пред самиот почеток на руската воена агресија врз Украина

-

Воената и финансиската помош за Украина за справување со руската агресија во изминативе месеци значително е намалена, соопшти килскиот Институт за светска економија, пренесува германската новинска агенција ДПА. 

Официјален Кијив од август до октомври годинава добил помош во висина од 2,11 милијарди евра, што е нешто повеќе од десетина во споредба со истиот период од минатата година и е најмала помош од јануари 2022 година, односно пред самиот почеток на руската воена агресија врз Украина.

„Нашите податоци го потврдуваат впечатокот за воздржаниот став на украинските сојузници во последните месеци“, изјави Кристоф Требеш, шеф на тимот за Ukraine Support Tracker во Институтот за светска економија.

Украина сè повеќе зависи од малиот број на големи донори, како што се Германија, САД и нордиските земји.

САД и Европската Унија ветуваат големи пакети за поддршка на Украина, меѓутоа нивната испорака редовно се заглавува поради политичките сплетки.

„Со неизвесната американска помош, Украина може само да се надева дека ЕУ конечно ќе го одобри одамна најавениот пакет помош од 50 милијарди евра“, изјави Требеш, додавајќи дека евентуално ново одложување ќе ја зајакне Русија.

Овој пакет на европска помош би требало да добие зелено светло на самитот на шефовите на држави и влади на ЕУ кон средината на декември. Но, прашањето е дали ќе има отпор, како што е случајот со Унгарија.

Украина веќе 21 месец се спротивставува на воената инвазија од Русија, а нејзиниот натамошен отпор зависи од странската помош.

Земјите-членки на ЕУ и европските институции во меѓувреме по обемот на помош во вооружувањето ја надминаа САД, наведуваат од овој институт. Големата програма за обезбедување на воени авиони Ф-16 од европските земји за Украина допрва треба да се реализира.

Украина не е единствениот виновник за неуспехот на воената офанзива

Пензионираниот германски генерал и стратег на НАТО Клаус Витман во интервју за германски медиум изјави дека не гледа простор за мир низ преговори во актуелната воена агресија на Русија врз Украина, оквалификувајќи ги како „несреќни одложувања“ испораките на западно оружје за Украина.

„Не постои дипломатска опција со Путин“, вели пензионираниот генерал Клаус Витман кое беше објавено вчера, а го пренесува германската новинска агенција ДПА.

Витман додава дека Владимир Путин е опсесиониран, сака одмазда и сака да биде признаен како голем лидер.

Витман делумно го обвинува и германскиот канцелар Олаф Шолц за пропаѓањето на украинската контраофанзива изминативе месеци. Тој посочува дека ако тешкото вооружување било испорачано порано, руската војска немала да има време да се подготви и да ги прошири своите линии на одбрана.

„Доколку сега се држиме на линијата да го критикуваме фактот дека Украина не прави забележителен напредок, ние треба да имаме на ум дека ние имаме удел во ова“, изјави пензионираниот генерал Витман.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Палестинските новинари се добитници на наградата на УНЕСКО за слобода на медиумите

Палестинските новинари беа добитници на наградата за слобода на печатот која ја доделува УНЕСКО за 2024 година по одлука на меѓународното жири составено од медиумски професионалци. Доделувањето на наградата се...