Учениците од „11 Октомври“ денеска се вратија на настава

Учениците од „11 Октомври“ од денеска повторно одат на училиште. Државниот санитарен инспекторат вчера констатираше дека нема пречки за одржување на наставата.

Според анализите од Центарот за јавно здравје, водата за пиење во ОУ „11 Октомври“ е хемиски и бактериолошки исправна. Примероците воздух земени од училниците се исправни и не се најдени концентрации поголеми од дозволените на одредени параметри, освен енормно зголемена температура во училниците каде биле децата, минимално зголемени концентрации на сулфур водород и на јаглерод моноксид кои можат, но не мора во одреден период да го нарушат здравјето на децата.

Препорачани се низа мерки што треба да се преземат во врска со хигиената во училиштето, кое деновиве е целосно дезинфицирано.

Општина Центар за денеска има закажано седница на Советот со единствена точка на дневен ред, во врска со последните настани во ОУ „11 Октомври“.