ТикТок надмина 1 милијарда корисници месечно

ТикТок БајтДенс
Илустрација: Alexander Shatov на Unsplash

ТикТок соопшти дека апликацијата надминала 1 милијарда активни корисници месечно. Ваквите бројки се извонредни за платформата лансирана во август 2018 година, која беше прегледувана од страна на владите, вклучувајќи ги и САД, коишто беа загрижени околу практиките за собирање податоци од страна на нејзината матична компанија „БајтДенс“, пишува „The Verge“.

Популарноста на ТикТок порасна за време на пандемијата, што ја направи најсимнувана апликација во светот во првиот квартал на 2020 година – со 315 милиони преземања само во тој период. Компанијата за дигитална анализа „Еп Ени“ (App Annie), подоцна ја прогласи ТикТок за најсимнувана апликација во 2020 година.

Од своето лансирање до денес, според компанијата за аналитика „SensorTower“ преземањата на ТикТок достигнале 3,2 милијарди, вклучувајќи ги и податоците за „Douyin“ – кинеската верзија на ТикТок. Просечниот број месечни корисници во август годинава пораснал за 25 отсто во споредба со август 2020 година.

И другите апликации, во обид да го следат огромниот успех на ТикТок, создадоа сопствени платформи за кратки видеа. Инстаграм, кој е во сопственост на Фејсбук, минатата година го лансираше „Reels“. Неколку месеци подоцна и Снепчет го воведе својот клон на ТикТок, наречен „Spotlight“, а во играта влезе и Јутјуб со своите „Shorts“ видеа.

И покрај ова, ТикТок продолжи да расте. Извештај објавен на почетокот на месецов покажа дека корисниците во САД и Велика Британија повеќе време поминуваат во гледање видеа на ТикТок отколку на Јутјуб.