Интернет војна: Инстаграм воведува алатка со иста функција како ТикТок

phone
Фото: Nathan Dumlao / Unsplash

Инстаграм воведува нова алатка во својата апликација која многу потсетува на видео платформата ТикТок. Новата алатка Инстаграм Рилс (Instagram Reels), која се смета за конкуренција на кинеската апликација, се очекува да биде лансирана во повеќе од 50 земји веќе во август. Алатката во моментов се тестира во Бразил, Индија, Франција и Германија.

Инстаграм Рилс ќе им овозможи на корисниците да снимаат и постираат кратки видео содржини со додавање на аудио материјали или музика, нешто што веќе постои кај ТикТок. Фејсбук започна со тестирање на новата алатка најпрво во Бразил уште минатата година, а од јуни годинава беше пуштена за тестирање и во Европа.

Она што досега е познато е дека видеата кои ќе се снимаат на Инстаграм Рилс ќе бидат во времетраење од најмногу 15 секунди. Функцијата ќе може да се најде во делот на Сторис (Stories). Се претпоставува дека Фејсбук работи и на воспоставување соработка со компании од музичката индустрија за добивање лиценца за користење на нивната музика.

Instagram Reels
Instagram Reels / фото: Инстаграм

Компанијата Фејсбук, во чија сопственост е Инстаграм, и претходно имаше обиди да создаде апликација пандан на кинеската ТикТок. Но апликацијата Ласо (Lasso) заврши неуспешно, откако имаше нешто помалку од 600.000 корисници пред официјално да биде исклучена во 2018 година. Многу други технолошки компании лансираа апликации слични на ТикТок, но ниту една не ја достигна нејзината популарност.

Одлуката за новата функција на Инстаграм да биде достапна најпрво во Индија и во САД се поврзува со обвинувањата со кои ТикТок се соочува, а кои доаѓаат од страна на властите во овие две земји. ТикТок официјално е забранета за користење во Индија, додека периодов се зголемува и притисокот од страна на администрацијата на Доналд Трамп за забрана на платформата и во САД. Претходно месецов, американскиот претседател се закани дека ќе ја забрани кинеската ТикТок како „казна за Кина поради корона вирусот“. Со ова, се очекува сите досегашни корисници на ТикТок во овие држави да се префрлат на новата алатка на Инстаграм.

Инстаграм стана познат и по тоа што постојано ги копира успесите на другите платформи, откако пред неколку години ја воведе и функцијата Инстаграм Сторис (Instagram Stories), што претставуваше копија на алатката на Снапчет.

Според информациите, новата опција Рилс до крајот на август ќе биде достапна и во Велика Британија, Јапонија, Мексико и во околу 50 други држави, но сè уште не е познато дали и кога ќе биде воведена за корисниците од Балканот, а со тоа и во Северна Македонија.