И Снепчет воведе алатка слична на ТикТок

Спотлајт на Снеп
Новата алатка „Спотлајт“ / фото: Snap

Платформата за кратки видеа, ТикТок (TikTok) добива уште една глобална конкуренција, откако Инстаграм (Instagram) во август ја воведе функцијата „Рилс“ (Reels) во својата апликација, со што практично им овозможи на корисниците да снимаат и објавуваат содржини слични на оние на ТикТок. Во трката за најпопуларни алатки за креирање кратки видеа овојпат се приклучува и Снепчет (Snapchat).

Компанијата денес објави дека ја лансира „Спотлајт“ (Spotlight), новата алатка во својата апликација на која што ќе се прикажуваат видеа креирани од корисниците. Видеата ќе бидат во времетраење од најмногу 60 секунди, исто како и кај ТикТок, a ќе бидат исклучиво со забавна содржина, за разлика од досегашниот концепт на Снепчет кој нудеше најразлични секојдневни содржини.

За да ги привлече креаторите кои веќе снимаат слични видеа на ТикТок или Инстаграм, Снепчет оди дури и подалеку, па така, компанијата тврди дека ќе исплаќа по 1 милион долари дневно до крајот на годината, пари кои ќе бидат поделени помеѓу неколку корисници чии видеа станале вирални. Оваа пракса, доколку се покаже како успешна, најверојатно ќе продолжи и во 2021 година. Парите секојдневно ќе бидат распределувани помеѓу неколку креатори кои објавиле видеа што за тој ден биле најпопуларни. Своите креатори од неодамна ги плаќа и ТикТок.

Снепчет
Снепчет / фото: MIH83 на Pixabay

Она што ќе го разликува „Спотлајт“ од ТикТок е тоа што коментарите на видеата нема да бидат достапни јавно за секого, односно ќе можат да ги читаат само корисниците што го следат креаторот на видеото. Исто така, доколку креаторот одлучи неговиот профил да биде приватен (сокриен), останатите корисници нема да знаат чие е видеото кога ќе го видат на почетната страна на „Спотлајт“. Со други зборови, видеото нема да го содржи жигот со името на корисникот, нешто што е практика на ТикТок.

Новата алатка на Снепчет за почеток ќе биде достапна во 11 земји, меѓу кои САД, Велика Британија, Франција, Германија и Австралија. Засега нема најава кога истата ќе биде лансирана во другите земји од светот.

Кратките вертикални видеа кои стана популарни во целиот свет благодарение на ТикТок, се чини се новата интернет сензација каде за доминација се борат водечките социјални мрежи. На сличен начин се популаризираа и таканаречените „приказни“ (Stories) кои за првпат ги воведе Снепчет, а потоа истиот концепт на содржини го воведоа Инстаграм, Фејсбук, Јутјуб, а од неодамна и Твитер.