Твитер ги претстави „Fleets“ – твитовите што исчезнуваат по 24 часа

фото: Твитер (Twitter)

Твитер воведе нова функција достапна за сите корисници – твитови што исчезнуваат, наречени „Флитс“ (Fleets). Сега корисниците можат да споделуваат текст, видеа или пак да одговорат на нечиј твит и сето тоа ќе исчезне после 24 часа.

„Флитс“ на Твитер ќе ја имаат речиси истата фунцкија како и „Приказните“ (Stories) на Инстаграм, Фејсбук и Снапчет. Достапни се повеќето опции кои веќе се имплементирани во овие социјални мрежи – меѓу кои, корисниците на Твитер ќе можат и да реагираат на нечиј „флит“ преку испраќање на емотикон и со тоа да започнат разговор.

Твитер најави дека во иднина ќе воведе и стикери, како и опција за емитување содржини во живо.

Одлуката за глобално лансирање на „Флитс“ доаѓа после неколкумесечните тестови на оваа функција во Италија, Бразил, Индија и Јужна Кореја. Тест периодот покажал дека вака луѓето се чувствувале поудобно и се охрабрувале да зборуваат повеќе.

Од Твитер изразија надеж дека новата опција ќе помогне да се намали притисокот околу твитањето со тоа што ќе им овозможи на корисниците да изразат повообичаени мисли и чувства, без да го прават тоа за да соберат повеќе лајкови и ретвитови.

Новата фунцкија во наредниов период ќе стане достапна за сите корисници на Твитер.