ТикТок за првпат им подели 200 милиони долари на своите креатори, најавува фондот да стигне до 1 милијарда

ТикТок
фото: Madskip на Pixabay

Социјалната мрежа ТикТок го објави првиот бран на приматели на средства од новиот Фонд на креатори, при што беа доделени 200 милиони долари на популарни личности на платформата за нивните содржини.

„За создавање на значајна содржина е потребно време и посветеност, а нашите креатори се исто толку страсни кога споделуваат приказни и се поврзуваат со нивната публика, колку што сме и ние за да им служиме ним и на нашата поширока заедница на корисници. Видовме неверојатен одговор на ТикТок фондот за креатори и со задоволство ги објавуваме првите приматели на средства од фондот“, објави ТикТок во понеделникот.

На списокот приматели на средства се наоѓаат 19 креатори од САД.

Од ТикТок додаваат дека има уште многу креатори што ја прават ТикТок платформата она што е денес и ги охрабруваат сите кои се сметаат за подобни да аплицираат за нови средства од Фондот кога ќе биде отворен процесот на аплицирање кон средината на август. За да бидат квалификувани, корисниците мора да ги исполнуваат минималните услови: да имаат најмалку 18 години, да бројат повеќе од 10 илјади следбеници, да имаат собрано најмалку 10 илјади прегледи на видеата во последните 30 дена и да објавуваат оригинални содржини во согласност со упатствата и правилата на ТикТок.

„Овој фонд ќе опфати стотици илјади креатори, започнувајќи со 200 милиони долари и ќе порасне на 1 милијарда долари во САД во наредните три години и повеќе од двојно од тоа на глобално ниво“, стои во известувањето на ТикТок.

Исплатата на средствата во САД доаѓа во период кога е ставена во прашање иднината на ТикТок после извршната наредба на претседателот Доналд Трамп за забрана на апликацијата доколку нејзината американска филијала не биде продадена.

ТикТок објави дека планира да ја тужи администрацијата на Трамп поради извршната наредба. Во тужбата се најавува да стои дека претседателскиот чин е неуставен, како и дека се неосновани наводите дека компанијата е закана за националната безбедност на САД.

Во меѓувреме се рашири и веста дека покрај Мајкрософт, во преговори за купување на ТикТок е и Твитер. Но, според американските медиуми, Твитер е многу помала компанија од Мајкрософт и би била спремна да плати многу помалку средства за ТикТок. Со ова Мајкрософт останува најверојатниот наследник на американскиот дел на ТикТок.