Улици со дупки, мини депонии, недостаток на осветлување и опасност да постанат мета на криминалци се синоним за студентското секојдневие на локацијата оддалечена на само пет минути од двата универзитети во Тетово, која е воглавно населена од студенти. Ардиана, студентка што живее во овој своевиден студентски град за „Порталб.мк“ ги објасни проблемите со кои тие се соочуваат секој ден.

Како што поминуваат годините, во Tетово се забележува недостиг на студенти кои го избираат овој град за да ги завршат нивните студии, иако во едно минато време тие беа единствените кои го одржуваа овој град во живот. Условите и можностите кои им се нудат во Тетово денес, прават студентите да не сакаат повеќе да се вратат, дури ниту за посета на овој град.

Ова ни го потврдува и студентката Aрдиана Даути, која четири години живее и студира во Тетово.

Таа за „Порталб.мк“ вели дека во моментот кога го избрала Тетово за да ги заврши додипломските студии била полна со соништа, желби и инспирација, но ова чувство не траело долго.

– Го избрав Тетово, бидејќи ти се нуди можноста да студираш на мајчин јазик. Реално, имав многу надеж, желба, а и мотивираноста ми беше највисока во тие моменти. Меѓутоа, ова не траеше долго, штом стигнав тука студентскиот живот ми се удри по глава и ми ги сруши тие сништа, пасии како и тотално ми ја намали мотивацијата“ вели Ариана, студентка во четврта година на Медицинскиот факултет при Универзитетот на Тетово.

Ардиана ни кажа за најголемите проблеми со кои се соочува таа и нејзините колешки секојдневно, вознемирена за состојбата, таа додаде дека имало моменти кога била подготвена да се откаже и да се врати во градот во којшто живее.

– Секој ден се среќавам и разговарам со колегите што живеат тука, истите постојано го изразуваат нивниот гнев и проблеми со кои се соочуваат секој ден. Нашата улица нема јавно осветлување, инфраструктурата е премногу уништена, уште потрагичен е фактот дека немаме безбедност, а имало случаи кога становите на студентите биле мета на крадци, има многу кучиња скитници, жители кои постојано нѝ дофрлуваат, но се случува и со дела. Нема студентски карти, продажбата на дрога во оваа населба не вознемирува многу, како и проституцијата – потенцира таа.

Оваа студентка рече дека разговарала со нејзини колеги кои биле жртви на кражба во нивните станови и го пријавиле случајот, меѓутоа според неа полицијата не презела ништо. Од друга страна, таа рече дека во моментот кога полицијата открива дека некој студент нема дозвола за престој, се однесува страшно кон нив и ги апсат.

Новинарот на „Порталб.мк“ посети една од населбите во кои главно престојуваат студенти. Сликата што ја затекнавме е многу лоша и воопшто не наликува на град со два универзитети. Неасфалтирани патеки, расфрлано ѓубре, недостиг на јавно осветлување, опасност од кучиња скитници и дилери на дрога во ноќните часови.

Од Општина Тетово се обидовме да добиеме одговор во врска со состојбата во оваа студентска населба, но тие не одговорија на нашите прашања.

Инаку, „Порталб.мк“ пред неколку месеци информираше за една друга студентска населба во Тетово. Од тогаш до денес, не се преземени мерки за подобрување на условите во оваа населба, иако студентите постојано се жалат. На ова ниво на кое тие се наоѓаат, студентите веќе не бараат библиотеки и кино сали, туку само основни услови за живот.