fbpx

Телекомуникациските врски во Газа се обновуваат, Израел го засилува копнениот напад

Комуникацисктие мрежи во Газа паднаа во петокот вечерта, оставајќи ја речиси целосно отсечена од надворешниот свет, откако Израел објави дека ја започнала втората фаза од „долгата и тешка војна против Хамас“

-

Телефонските линии и интернет конекциите полека се враќаат во Појасот Газа по повеќе од еден ден речиси целосен прекин на комуникациите. Поврзаноста беше прекината откако Израел го интензивираше своето бомбардирање на територијата и започна голема копнена операција во која беа вклучени тенкови и војници, пренесе Би-би-си.

Дека фиксните, мобилните и интернет услугите во Газа постепено се обновуваат објави и Палестинската телекомуникациска компанија (Палтел) на социјалната мрежа „Х“.

Услугата за следење на интернетот „Нетблокс“ (NetBlocks) објави мрежни податоци кои исто така покажуваат дека се обновува поврзувањето на интернет на оваа територија.

Комуникациските мрежи во Газа паднаа во петокот вечерта, оставајќи ја речиси целосно отсечена од надворешниот свет, откако Израел објави дека ја започнала втората фаза од „долгата и тешка војна против Хамас“.

Високиот советник на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Марк Регев за Би-би-си изјави дека било „стандардно однесување“ да се наруши комуникацијата на непријателот и дека тоа е „нормална практика за западните, демократски војски“.

Израелската војска на социјалната мрежа „Х“ претходно објави снимки на кои се гледаат нејзините војници кои се подготвуваат за копнена активност во Газа.

Израелските одбранбени сили им порачаа на цивилите во Газа да се движат кон југ, повторувајќи дека ги зголемуваат своите операции и оти хуманитарните напори ќе се прошират јужно од Вади Газа.

Портпаролот на Израелските одбранбени сили, Даниел Хагари, во видео-изјава на „Х“ кажа дека војската „се движи кон следната фаза од нашата војна против Хамас во Газа од воздух, копно и море“.

Тој додаде дека Израел постојано ги предупредувал жителите на Газа да се оддалечат од „упориштата на Хамас“ и дека денес се зголемува итноста на тоа предупредување.

Во меѓувреме, илјадници луѓе упаднаа во неколку магацини и дистрибутивни центри на Агенција за помош и работи на Обединетите нации (УНРВА) во средните и јужните области на Појасот Газа, земајќи пченично брашно и други основни продукти за преживување, соопшти организацијата, а пренесе Гардијан.

Еден од магацините, во Деир ал Балах, е местото каде што УНРВА складира залихи од хуманитарните конвои што пристигнуваат од Египет.

„Ова е загрижувачки знак дека граѓанскиот поредок почнува да се урива по три недели војна и цврста опсада на Газа. Луѓето се исплашени, фрустрирани и очајни. Тензиите и стравот се влошуваат со прекините на телефоните и интернет комуникациските линии“, изјави директорот за прашања на УНРВА во Појасот Газа, Томас Вајт.

УНРВА има двојна улога која опфаќа хуманитарни и развојни одговорности, односно обезбедува услуги слични на владеење низ десетици бегалски кампови на Западниот Брег и Газа, како и во Либан, Сирија и Јордан.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...