Телефонска „Вангири“ измама: Повикот кон +8818 може да чини и до 826 денари по минута

Веднаш по 6.30 часот утрово голем број граѓани добиле краток повик од за нив непознат број кој што најчесто почнувал на +8818. Мобилниот им заѕвонил само еднаш и веднаш се прекинала врската. Оние кои што го повикале назад бројот се жртви на измама и нивните сметки за мобилна телефонија овој месец најверојатно ќе бидат повисоки. Тоа е затоа што, во конкретниот случај, вртејќи на бројот што почнува на +8818, се јавиле на број регистриран на сателитскиот телекомуникациски провајдер “Globalstar”. Оние што го игнорирале пропуштениот повик не се оштетени.

Станува збор за варијанта на познатата телефонска измама наречена „Вангири“ која изворно потекнува од Јапонија. Направена е преку машинско или софтверско јавување на серија на броеви, a напаѓачот „игра на картата“ на љубопитноста на корисниците.

Според последниот ценовник на постпејд услуги на Македонски телеком кој што важи од 01.01.2020 година, повици во роаминг кон сателитската зона 4, во која се наоѓа “Globalstar”, е 826 денари по минута. Оваа услуга до крајот на минатата 2019 година, според ценовникот на „Телеком“ чинела 590 денари по минута.

Агенцијата за електронски комуникации, како регулатор на телекомуникацискиот пазар, и Македонски телеком, најголемиот телекомуникациски оператор, објавија кратки соопштенија за случајот во кои ги советуваат граѓаните да не се јавуваат на пропуштени повици од странство. Од АЕК потврдуваат дека повиците се случувале по 6.30 часот и велат оти до 9 часот утринава ги блокирале „најголем дел од броевите преку кои се остваруваше ваквата измама“, но додаваат дека тоа „не значи дека ваква измама нема да се повтори од други броеви“.

Од АЕК потенцираат дека свикале итен состанок со мобилните оператори „со цел надминување на ваквата состојба“. Покрај повиците од сателитскиот оператор „Globalstar“, според АЕК, имало повици и од мобилни оператори од Литванија и Естонија.

Од Македонски телеком, пак, преку соопштение информираа дека во текот на денешниот ден се регистрирани „повици од непознати дестинации кон наши корисници чија цел е да се генерира непотребен сообраќај“. Посочуваат дека, покрај тоа што се блокирани броевите, оневозможено е и повикувањето кон нив.

Слично како АЕК, и тие апелираат „корисниците постојано да бидат претпазливи и да не одговараат на пропуштени повици од непознати броеви, со цел за да се избегнат злоупотреби и дополнителни непредвидени трошоци“.

Но, оттаму не ја соопштуваат вкупната бројка на дојдовни или појдовни повици кои се случиле рано утринава преку кои што може да се дознае опфатот и вредноста на измамата.

Олеснителна околност за измамените корисници е тоа што можат да поднесат приговор за да не им бидат наплатени овие средства.