Со развојот на 5Г мрежата, дојде крајот на кинеската доминација во македонскиот телекомуникациски сектор

Македонски Телеком и А1 Македонија во моментов работат на модернизација на целокупната телекомуникациска опрема за мобилна телефонија и на воведување на 5Г мрежата во земјава. За разлика од досегашните промени што се вршеле на технолошката генерација на телекомуникациската инфраструктура, Северна Македонија како земја-членка на НАТО и потписник на програмата „Чиста мрежа“ (Clear Network) иницирана од САД овој пат се одлучи да ги изземе кинеските технолошки компании од развојот на 5Г мрежата.

Поранешниот премиер Зоран Заев и потсекретарот за економски раст, енергија и животна средина во Владата на САД, Кеит Крач на 23 октомври 2020 година го потпишаа Меморандумот за разбирање за безбедност на 5Г технологии, со кој Северна Македонија презеде обврска да ги усогласи националните политики за развој на електронски комуникации со политиките на ЕУ и на САД.

На потпишувањето на меморандумот што се одржа пред повеќе од две години во Скопје, Северна Македонија и САД ја нагласија важноста за поттикнување учество на релевантни и доверливи мрежни добавувачи на хардвер и софтвер на 5Г пазарот, земајќи ги предвид проценките за ризик и промовирањето на рамки кои ефикасно ги штитат 5Г мрежите од неовластен пристап на трети страни.

„Имајќи ги предвид предностите на безжична комуникација од 5Г генерацијата, овој меморандум за соработка е од витално значење за идниот просперитет на нашата земја од економски аспект, како и за националната безбедност“, изјави тогашниот премиер Заев.

Веднаш по потпишување на меморандумот, од Амбасадата на НР Кина во Скопје излегоа со официјално соопштение во кое силно се спротивставија на ваквиот чекор, барајќи од САД да престанат да се мешаат во „нормалната соработка меѓу Кина и Северна Македонија“.

„Од мешањето во однос на ширењето на 5Г во другите земји до отвореното принудување на сојузниците да го исклучат Хуавеи, одредени американски политичари немаат скрупули да прибегнуваат кон државната моќ сè додека таа моќ може да ги спречи кинеските бизниси да добијат предност во 5Г“, гласеше соопштението на Кинеската амбасада во Скопје по потпишаниот меморандум.

Во истражувањето „Разбирање на алатките, наративите и влијанието на кинеската „мека моќ“ во Северна Македонија“, на Здружението ЕСТИМА и Фондацијата Конрад Аденауер, авторката Ана Крстиновска наведува дека и покрај тоа што кинеските дипломати во Северна Македонија во голема мера досега се воздржувале од користење на контронтирачка реторика, сепак реакцијата за потпишаниот меморандум со САД во 2020 година била жестока.

„Најсилната јавна реакција на Амбасадата досега беше објавена по потпишувањето на Меморандумот меѓу Северна Македонија и САД за соработка во Иницијативата за чиста мрежа на 5G технологии во октомври 2020 година. Сепак, гневот се чинеше дека е целосно насочен кон изјавата на американскиот висок претставник“, наведува во истражувањето Крстиновска за невообичаената остра реакција на Кинеската амбасада во Скопје.

Од денешна перспектива, од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за Мета.мк информираат дека потпишаниот меморандум со САД бил иницијатор за промена на Законот за електронски комуникации (ЗЕК), чии измени и дополнувања беа донесени во април 2021 година.

„Со овие измени АЕК доби дополнителни обврски во делот на безбедност на мрежите. Измените на ЗЕК предвидуваа да се донесе подзаконска регулатива за Методологија на процена на профилот на ризик на добавувачи и производители на мрежна опрема како и за Листата на критични компоненти и чувствителни делови на електронските комуникациски мрежи. Овие подзаконски акти беа донесени од АЕК есента 2021 и истите веднаш почнаа да се спроведуваат“, информираат од АЕК.

Оваа агенција по успешно спроведената тендерска постапка, на 11 јули годинава ги додели одобренијата за користење на радиофреквенции на двата мрежни оператори во земјава за фреквенциските опсези 700 MHz и 3.6 GHz врз основа на критериумот до крајот на 2023 година еден македонски град да биде покриен со 5Г, а до крајот на 2025 година главните транспортни коридори да бидат покриени со 5Г. До крајот на 2027 година сите урбани средини треба да бидат покриени со 5Г, а сите граѓани до крајот на 2029 година треба да имаат можност за пристап до услугите што ги нуди 5Г во делот на мобилната телефонија и интернетот.

И Македонски Телеком и А1 Македонија спроведоа постапки за набавка на телекомуникациската инфраструктура неопходна за поставување на 5Г мрежата во земјава, при што шведската компанија Ериксон победи и веќе започна да ги инсталира неопходните базни станици и друга телекомуникациска опрема во Северна Македонија.

Базните станици од телеком инфраструктурата на земјава се во процес на промена; Фото: Мета.мк

Сепак, и двата телекома се претпазливи со давањето информации дали кинеските телекомуникациски компании, како што се Хуавеи и ЗТЕ, пробале да учествуваат во веќе завршените тендерски постапки. Од Македонски Телеком за Мета.мк велат дека постапките за набавка ги спроведуваат во согласност со интерните процедури и притоа ги запазуваат начелата на доверливост на понудите, но и на понудувачите.

До А1 Македонија во три наврати на 7, 10 и 16 ноември годинава по електронска пошта Мета.мк ги испрати прашањата на оваа тема, а се обиде и телефонски да стапи во контакт со одговорните лица за медуми, но до објавата на текстот не добивме одговори на прашањата.

Од Македонски Телеком информираат дека се во финална фаза на проектот за модернизација на телекомуникациската мрежа и поставувањето на 5Г. За една година успеале да покријат 26 градови со околните места, а нивниот план е во соработка со Ериксон да ја завршат модернизацијата на почетокот на 2023 година. Се модернизира целокупната опрема за мобилна телефонија со сите базни станици.

„Со ова најголем дел од популацијата на територијата на Македонија ќе може да користи 5Г услуги“, велат од Македонски Телеком.

Мета.мк во ноември проба да стапи во контакт со тројца професори од Факултетот за електротехника и информациски технологии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и од Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје за да разговара со експертската јавност на оваа тема, но и покрај обидите по електронски пат и на телефон да договориме средба или написмено да добиеме одговори на поставените прашања, професорите сепак не сакаа да дискутираат за влијанието на кинеските технолошки компании врз телекомуникациската инфраструктура во земјава.

Од Агенцијата за електронски комуникации пак информираат дека Македонски Телеком и официјално ја известил АЕК дека заклучно со декември 2022 година ќе ја исклучи својата 3Г мрежа. Сепак, институциите и телеком операторите не се расположени да зборуваат за досегашната набавка на 3Г и 4Г мрежата во земјава, која што била изведена од кинеските технолошки компании Хуавеи и ЗТЕ.

Дел од ваквата опрема и понатаму е во употреба годинава, но добро упатени извори за Мета.мк додаваат дека еден од двата телеком оператори ќе треба да продолжи да ја користи кинеската опрема за 3Г и 4Г мрежата и извесен период од 2023 година.

На прашањето до АЕК кога биле потпишани договорите со двете кинески компании во минатото за изведба на 3Г и 4Г мрежата од страна на телеком операторите, од агенцијата нѝ одговорија дека овие одговори треба да се побараат од Македонски Телеком и А1 Македонија, бидејќи согласно Законот за електронски комуникации тие немаат обврска за такви договори да го информираат АЕК. Директен одговор од Македонски Телеком не добивме на ова прашање, а А1 Македонија не одговорија на прашањата.

„Чистата мрежа“ на САД и технолошката битка во странство

Програмата „Чиста мрежа“, според американскиот Стејт департмент е сеопфатен пристап на американската администрација за заштита на имотот на нацијата, вклучувајќи ја тука приватноста на граѓаните, како и најчувствителните информации на компаниите од упади на злонамерни актери, како што е Кинеската комунистичка партија, се наведува на веб-страницата на американскиот Стејт департмент.

„Чистата мрежа“, чиј потписник е Северна Македонија од 2020 година, има за цел да одговори на долгорочната закана за приватноста на податоците, безбедноста, човековите права и принципиелната соработка што му се наметнуваат на слободниот свет од авторитарни малигни актери. Државниот секретар на САД, Мајкл Помпео на 5 август 2020 година го објави проширувањето на програмата „Чиста мрежа“, кои, меѓу другото, вклучуваат и „чисти“ продавници за мобилни апликации во САД, „чисти“ апликации со кои би се спречило кинески производители на паметни телефони преку пре-инсталирање или на друг начин да ги направат достапни одредени недоверливи апликации.

На веб-страницата на американскиот Стејт департмент дури и се наведуваат земјите коишто се согласни на примена на програмата „Чиста мрежа“ кај нив, при што тука се споменати и Обединетото Кралство, Шведска, Полска, Естонија, Грција, Латвија, Романија и Данска, но и се наведени имињата на некои од најголемите телекомуникациски компании ширум светот.

Од која технолошка компанија ќе се набави опрема за 5Г мрежата е тема на светските медиуми за која редовно се известува во изминативе две-три години. Кон крајот на ноември годинава, американската Федерална комисија за комуникации забрани увоз и продажба на нова телекомуникациска опрема од Хуавеи и ЗТЕ поради загриженост за националната безбедност на САД, пренесе Би-би-Си. Покрај овие две кинески компании, забраната за увоз и продажба на опрема важи и за Хиквизион, Дахуа и Хитера кои произведуваат опрема за видео надзор и радио системи за двонасочна врска.

Ројтерс на 22 јуни годинава јави за пресудата на шведскиот апелациски суд, кој ја потврди пресудата со која му забрани на Хуавеи да продава 5Г опрема во Шведска откако претходно шведскиот регулатор за телекомуникации во 2020 година на Хуавеи му забрани да доставува 5Г опрема за шведските телекомуникациски компании, повикувајќи се на грижи покренати од шведската служба за безбедност.

Шведска побара од своите телекомуникациски компании пред 1 јануари 2025 година да ја отстранат телекомуникациската опрема набавена од Хуавеи и ЗТЕ од постојната инфраструктура во земјата.

Годинава и Канада соопшти дека ќе им забрани на кинеските компании Хуавеи и ЗТЕ да работат на 5Г мрежите на телекомуникациските компании во оваа земја, објави Би-би-си на 20 мај годинава. Канадските власти објавија дека овој потег ќе ги подобри услугите во мобилниот интернет и ќе се заштити безбедноста на Канаѓаните. На ваквата одлука се спротивставија кинеските технолошки компании, но идентична забрана за учество во развојот на 5Г мрежата веќе беше донесена и во САД, Обединетото Кралство, Австралија и Нов Зеланд, пишува Би-Би-Си. Одлуката на Канада доаѓа по извршените консултации со нивните безбедносни агенции и со најблиските сојузници, а Кина на ваквата одлука реагираше дека станува збор за „изговор за политичка манипулација“.

Јуроактив на почетокот од годинава пишуваше за различните политики што земјите-членки на ЕУ ги имаат кон добавувачите на телекомуникациска опрема за 5Г. Неусогласените правила меѓу земјите на ЕУ во врска со проверката на добавувачите на опрема за 5Г мрежата претставуваат безбедносен ризик за ЕУ, се наведува во Извештајот на Европскиот суд на ревизори објавен на 24 јануари годинава.

Инаку, целокупната тема на меѓународно ниво ја издигнаа Соединетите Американски Држави, кои први укажаа на можноста Кина да ја користи телекомуникациската опрема на Хуавеи за шпионирање, на што од оваа компанија одговорија дека не се ризик по националната безбедност на другите земји кои користат нивна опрема. САД сметаат дека поради правниот поредок и еднопартискиот систем во Кина, кинеските технолошки компании во чии раководства има претставници на Комунистичката партија на Кина, не можат да одбијат барање за предавање на информации што кинеската влада би го побарала.

Назад на македонско тло, од Агенцијата за електронски комуникации за Мета.мк велат дека досега во Северна Македонија не е евидентиран случај на нарушување на приватноста на граѓаните или прибирање на лични податоци преку злоупотреба на опрема.

5Г не е тема на разговор за заштита на лични податоци, туку за ширење на дезинформации 

Наместо за заштита на личните податоци и приватноста на граѓаните заедно со националната безбедност од можно шпионирање, во Северна Македонија темата за 5Г мрежата веќе неколку години наназад, првенствено преку социјалните мрежи, се извртува кон ширење на теории за заговор и дезинформации за штетноста на 5Г врз здравјето на граѓаните.

Сервисот за проверка на факти Вистиномер само во изминативе неколку месеци од 2022 година има извршено дебанкирање на постови објавени на профили на Фејсбук кои дезинформираат дека 5Г мрежата предизвикува рак кај луѓето или дека е предизвикувач на ковид-19. Па така, на 24 март годинава е дебанкирано невистинито тврдење дека 5Г мрежата во комбинација со непостоечки микрочипови во вакцините се комбиниран напор за да се контролира населението во светот.

Уште една невистина поврзана со 5Г е потврдена на 9 јули, кога Вистиномер предупреди за ширење на старо видео со дезинформации за поврзаноста на корона вирусот со 5Г мрежата. На 23 јули е објавен текст од уште една рецензија, со која како невистинит се утврдува пост на Фејсбук кој тврди дека ковид-19 е последица на радијацијата од 5Г. Дебанкирани се и постови на Фејсбук кои тврдат дека 5Г мрежата предизвикува рак кај луѓето (19 октомври) или дека во САД се појавиле камуфлирани телекомуникациски антени во кактуси (5 август).

Ваквите дезинформациски наративи за нарушување на здравјето на луѓето од 5Г мрежата се провлекуваат веќе подолго време наназад во земјава, а на 31 мај 2020 година беше организиран и протест пред македонската влада против „лажната ковид пандемија, принудното вакцинирање и монтирањето на 5Г антени“, но овие лажни вести, барем засега, не предизвикале проблеми во самата изведба на 5Г мрежата во Северна Македонија.

hubmk