Светски ден на дијабетес: За терапија и глукомери, секој пациент дава од џеб по 200 евра месечно

„Ние не зборуваме за политика, ние не зборуваме за тоа, дали денес ќе почне изградбата на некој пат. Кај нас, ако 5 минути е висок шеќерот, ние сме во ризик да добиеме мозочен удар. Нашите граѓани се дискриминирани. И покрај сиромаштијата, ги тераме да купуваат скапи лекови“, вели Диме Велев, претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари

-

Околу 5.000 денари чини антидијабетната месечна терапија за едно лице кое има дијабетес тип 2. Покрај тоа, мора да се набават и таблетите за кардиоваскуларниот систем кои чинат 3.200 денари, а мора да има и глукомери за кои се потребни околу 4.000 денари. Инсулинот е гратис, односно е бесплатен за дијабетичарите, што значи, дека околу 200 евра е месечниот трошок за еден пациент со дијабетес во домот.

По многуте најави дека ќе се реши проблемот со набавката на терапија и помагала, дијабетичарите сè уште од џеб плаќаат за да се лекуваат. Во пресрет на денешниот Светски ден на дијабетесот, 14 ноември, Мета.мк разговараше со претставници на здруженија за дијабетес, околу трошоците за антидијабетна терапија која не е на позитивната листа, за недостатокот од глукомери и сензори, како и за секојдневието на овие луѓе, кои во земјава се вкупно околу 130.000, согласно податоците од системот МојТермин.

Нередовното мерење шеќер го зголеми бројот на удари и ампутации 

Единаесет месеци немаме сензори и други неопходни помагала. Постојано добиваме најави од типот: „да, имаме глукомери“, „имаме сензори“, „ќе стасаат“. А ги нема, вели Диме Велев, претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари за Мета.мк.

„11 месеци да немате мерење на шеќерот во крвта, тоа значи дека како држава ќе имаме последици. На денот на мозочниот удар од пред некоја недела, беше кажано дека е зголемен бројот на удари заради нередовното мерење на шеќерот. На сите компликации кои настануваат како резултат на ова, им е зголемен бројот. На ампутациите, мозочните удари, срцевите и бубрежните болести. Ние не зборуваме за политика, ние не зборуваме за тоа, дали денес ќе почне изградбата на некој пат. Кај нас, ако 5 минути е висок шеќерот, ние сме во ризик да добиеме мозочен удар. Нашите граѓани се дискриминирани, и покрај сиромаштијата ги тераме да купуваат скапи лекови“, вели Велев.

Тој вели дека Министерството за здравство набавило глукомери од слободниот пазар, што според него, не е во ред.

„Ние, здруженијата побаравме помагалата за дијабетичарите да се стандардизирани согласно меѓународни стандарди, да бидат спакувани со декларации, да биде наведена адресата на прозводителот. Трошокот на дијабетичарот е голем, тој нон стоп прима терапија и мора нон стоп да ја мери глукозата. Мора да има информација како им се движи гликемијата во крвта. Сега, товарот финансиски е голем“, додава Велев.

Потсети дека 17 години не е променета позитивната листа и дека таму има лекови за дијабетес, за кои уште пред една деценија е прогласено дека повеќе не се произведуваат и дека не постојат.

Наташа Деспотовска Димитриевска, претседателката на „Баланс Мк“, Асоцијацијата за детски дијабетес во Македонија, вели дека неопходно е да се имплементира Националната стратегија за дијабетес, која во моментов постои само на хартија.

„Оваа стратегија ни беше презентирана пред 4-5 години, пред ковид пандемијата, ние пациентските организации ја прифативме. Што се однесува до терапијата, таа ни е достапна, по однос на инсулини. Имаме проблем со глукомери, помагалата се проблем бидејќи се задоцни цела година јавната набавка, па пациентите се принудени да си купуваат сами“, додава Деспотовска Димитриевска, која е сертифициран дијабетес едукатор, родител на дете со дијабетес тип 1.

Како што додава таа, на едно лице со тип 1 му требаат во месецот 3 кутивчиња глукомери, за да може шест пати дневно да мери гликемија. Едно кутивче чини од 1.000 денари, па нагоре.

„Ние се надеваме дека наскоро пациентите ќе добијат сензори, со што ќе има добра гликемиска контрола, а од друга страна, со самата контрола ќе има помалку доцни компликации кои кај дијабетесот се многу сериозни – слепило, бубрежни заболувања, срцеви заболувања. Лечењето на тие последици го оптоваруваат многу повеќе буџетот одошто контролата на болеста“, вели Деспотовска Димитриевска.

Стресно е да растете дете со дијабетес 

Таа вели дека е многу стресно за родителите да растат дете кое има дијабетес.

„Има пораст на бројот на деца со дијабетес и тоа е така и на светско ниво, поточно кај тип 1. Многу се големи бројките, посебно после ковидот, кога за дури една третина се зголеми бројот на деца и млади луѓе дијабетичари“, потенцира Деспотовска Димитриевска.

Како што информира таа, во државата има 700 деца со дијабетес тип 1. Пациентите со тип 1 дијабетес се целосно зависни од инсулин и без него не може да се живее повеќе од две недели. Со тип 2 дијабетес може да се биде и на таблети и на инсулинска терапија.

Една третина од населението не знае дека ја има дијагнозата 

Д-р Ирфан Ахмети од Клиниката за ендокринологија, како и претседател на Националната комисија за дијабетес, вели дека согласно последната евиденција, во државата има 130.000 дијабетичари кои се во системот МојТермин, од кои 5.000 се со  тип 1 дијабетес, а останатите се тип 2.

„Но, овие бројки не се најпрецизни, тие варираат и се менуваат, иако можам да кажам дека има зголемувања и кај нас и на светско ниво. Има многумина кои не се дијагностицирани, односно една третина од населението не знае дека има дијабетес. На инсулинска терапија во државата се околу 44.000 пациенти. Бројата расте по 10 отсто секоја година“, вели д-р Ахмети.

Националната комисија за дијабетес ги следи трендовите на новите терапии и предлага одредена количина според буџетот.

„Го покачивме бројот на современи лекови за пациенти. Имаме околу 4.000 пациенти кои примаат специјална терапија, која не е на позитивната листа, туку е терапија која се обезбедува со програмата на Министерството за здравство“, додава докторот.

Тој напоменува дека има константно зголемување на бројот на деца-дијабетичари, односно од 30 до 50 нови пациенти има секоја година со тип 1 дијабетес.

„За децата до 18 години, се обезбедени сензори со програмата на министерството, за сите веќе почна испораката, да се користат. Веќе почнаа на Клиниката за педијатрија да ставаат, после се договоривме да има и кај нас на нашата клиника“, додава д-р Ахмети.

Треба добра едукација и физичка активност 

Според д-р Ахмети, најбитна е добрата едукација за ризиците за дијабетест. Тој е резултат на генетска предиспозиција, но и на физичка неактивност, дебелина, лош начин на исхрана, а овде се и коморбидитетите како фактор.

„Потребно е да се прават редовни скрининзи кај матичните лекари, а веќе дијагностицираните треба да се придржуваат кон советите од лекарите. Да се следат и менаџираат сите фактори – липидите, крвниот притисок, потоа, дебелината, физичка активност. Физичка активност се препорачува посебно кај тип 2 дијабетес, бидејќи 90 од случаите се токму со таа дијагноза. Физичката активност му помага на телото инсулинот подобро да работи и кога тој делува, има потреба од помала доза на лекови, односно шеќерот се намалува“, објаснува д-р Ахмети.

Мета.мк многу пати досега пишуваше за проблемите на дијабетичарите. Првата најава за набавка на сензори за деца дојде по написот на Мета.мк за Миа Чичкариќ, средношколката која апелираше надлежните да набават сензори за безболно мерење гликемија во крвта, за да не мораат децата да се боцкаат по неколку пати на ден. По објавата, тогашниот министер за здравство Венко Филипче најави набавка на сензори, но тендерот пропадна и оттогаш, сè уште нема сензори на товар на државата.

422 милиони луѓе во светот имаат дијабетес 

Околу 422 милиони луѓе ширум светот имаат дијабетес, според Светската здравствена организација. Мнозинството живеат во земји со низок и среден приход, а секоја година, 1,5 милиони смртни случаи директно се припишуваат на дијабетес. Бројот на случаи и преваленцата на дијабетес постојано се зголемуваат во последните неколку децении.

Oхриѓанка измамена од непознато лице, ѝ одзело 300.000 денари од трансакциска сметка

Педесет и три годишна жена од Охрид, пријавила дека била измамена од лице за сума од 300.000 денари, информира Министерството за внатрешни работи (МВР). „Според пријавеното, лицето ѝ се јавило пред две...

Играта „Warframe“ има ново продолжение наречено „1999″

Излегувањето на алтернативното продолжениe за бесплатната игра Warframe наречено „1999” ја буди носталгијата од Сајберпанк филмовите, стриповите, музиката и книгите во осумдесетите и деведесетите години од минатиот век. Ова е трејлерот...

Грузиските пратеници избраа екстремно десничарски и критичар на Западот за нов претседател

Грузиските пратеници го избраа Михаил Кавелашвили за нов претседател, пренесува „Гардијан“. Според медиумот, сега уставната криза се продлабочува бидејќи според опозицијата, изборот на поранешниот фудбалер Михаил Кавелашвили е „нелегитимен“. „Грузиските пратеници го...

Од почетокот на епидемијата, неделава за прв пат нема пријави за нови случаи на голема кашлица

Од почетокот на епидемијата на пертусис, која трае безмалку една година, неделава за прв пат нема пријави за нови случаи на голема кашлица, соопштува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Како што...

Oхриѓанка измамена од непознато лице, ѝ одзело 300.000 денари од трансакциска сметка

Педесет и три годишна жена од Охрид, пријавила дека била измамена од лице за сума од 300.000 денари, информира Министерството за внатрешни работи (МВР). „Според пријавеното, лицето ѝ се јавило...