Средба меѓу УСС УКИМ и МОН: субвенциониран оброк на неделно ниво, ретроактивна исплата на стипендиите до 15 декември

Наместо да добиваат по 140 денари на дневна основа, заради поефикасно користење, студентите средствата ќе ги добиваат на неделно ниво

фото: Јетон Шаќири / Фејсбук

Ретроактивната исплата на заостанатите студентски стипендии ќе започне најдоцна до 15 декември. Вакво ветување добиле претставниците на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) на средбата во Министерството за образование и наука (МОН) со министерот Јетон Шаќири.

Како што соопштија од УСС УКИМ, на оваа средба која се одржала со поддршка на Инстаграм страницата „Студентарија“, биле изнесени и другите нивни барања кои, како што велат, биле прифатени од страна на министерот Шаќири.

Новости се најавуваат и во исплатата на субвенционираниот студентски оброк. Наместо да добиваат по 140 денари на дневна основа, заради поефикасно користење, средствата ќе ги добиваат на неделно ниво. Овој начин на исплата на средствата, велат од УСС УКИМ, се очекува да почне да се применува веќе од следниот семестар.

Покрај ова, на средбата било договорено во Комисијата за избор на студенти примени во студентските домови да влезат и членови-студенти од универзитетските студентски собранија.

Се најавува и зголемување на правата на студентите на втор и трет циклус на студии во однос на стипендии, субвенциониран оброк и јавен превоз. Студентите од овие циклуси не уживаат ниту една од наведените мерки како нивните колеги на додипломски студии.

Студентите добиле уверувања и во однос на реконструкцијата на студентските домови, која се одложува веќе со месеци. За студентскиот дом „Стив Наумов“, министерот Шаќири кажал дека реконструкцијата ќе започне најдоцна до јануари, додека за домот „Кузман Јосифовски – Питу“ се чекаат повеќе информации.

Покрај ова, најавени се и зголемен број на контроли во делот на квалитетот и набавката на храната која се приготвува и служи во студентските домови.