„СпејсЕкс“ најави мисија на Месечината финансирана во криптовалутата Доџкоин

Месечина
Месечината/ фото: NASA на Unsplash

Компанијата „СпејсЕкс“ во сопственост на Илон Маск следната година планира да ја лансира мисијата наречена „DOGE-1“ на Месечината, а целото патување ќе биде платено преку криптовалутата Доџкоин (Dogecoin), која започна како шега во 2013 година, извести „Си-нет“.

Доџкоин е криптовалута слична на Биткоин, која е поврзана со одамна познатото меме со куче – Шиба Ину.

Мисијата ќе биде финансирана од корпорацијата „Geometric Energy“, која не ги откри трошоците за патувањето. Иако деталите за мисијата се нејасни, познато е дека при истата ќе се користи ракетата Фалкон 9.

„Возбудени сме што ќе ја лансираме DOGE-1 на месечината. Мисијата ќе ја демонстрира примената на криптовалутата надвор од орбитата на Земјата и ќе постави основа за меѓупланетарна трговија“, изјавил Том Очинеро, потпретседател на комерцијална продажба во „СпејсЕкс“.

Инаку, Маск мисијата за првпат ја најави на Твитер на Денот на шегата, први април.

„СпејсЕкс буквално ќе стави Доџкоин буквално на месечината“, напиша тогаш Маск.

Вредноста на Доџкоин забрзано се зголемуваше изминативе неколку месеци. Нејзината вредност од еден цент во јануари достигна седумдесет центи за еден Доџкоин минатата недела. Драматичниот пораст на вредноста се случи откако Илон Маск стана еден од најголемите поддржувачи на оваа криптовалута, постојано промовирајќи ја, претежно на Твитер.