Студениот бран со снежни врнежи што ја зафати Македонија, го отежна одвивањето на сообраќајот, но засега без застои и посериозни проблеми.

Врнежи на снег со променлив интензитет има на целата територија, а поради ниските температури можна е и појава на голомразица, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).

Забрана за движење на тешки товарни возила има на патните правци Маврово – Дебар, Гостивар – Кичево, преку планинскиот премин Стража, Кичево – Охрид, преку планинскиот премин Пресека, планинските премини Ѓавато и Буково, Струга – граничен премин Ќафасан, патот Прилеп-Македонски Брод на планинскиот премин Барбарос како и на патниот правец Тетово – Попова Шапка, каде забраната важи и за автобуси, а за останатите возила е задолжително користење на зимска опрема, синџири.

Сообраќајот на патниот правец Велес-Штип, кој претходно се одвиваше отежнато и беше забранет за сообраќање на тешки товарни возила, е нормализиран.

Дирекцијата за заштита и спасување апелираше до градоначалниците и општините да ги преземат сите неопходни мерки за расчистување на снегот и снежните наноси, заради нормално одвивање на сообраќајот и заштита на населението согласно обврските од Законот за заштита и спасување.

Најмногу снег има во Маврово 73 см, на Попова Шапка 40 и во Крушево 39 см.