Сашо Мијалков како поранешен директор на УБК е првообвинет во случајот „Таргет-Тврдина“ | Фото: Арбнора Мемети

МВР во 2015 година ја проценило уништената опрема за прислушкување на 1 денар, но вештите лица ангажирани во случајот „Таргет-Тврдина“ на денешното судско рочиште рекоа дека вредноста на уништената опрема за прислушкување изнесувала над 1,4 милиони евра. Ова го изјави вештото лице Ѕвонко Кочовски, кое појасни дека станува збор за вредност на системот за прислушкување „Најс“ во моментот на нејзино уништување.

Одбраната на обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска го праша вештакот Кочовски зошто не е направена анализа на вредноста на хардверот, софтверот и лиценците на системот за прислушување.

„Немаше потреба бидејќи тоа беше направено од колегата за технички науки. Јас сум вештак од финансиско работење, немаше потреба да се дели системот на делови. Станува збор за неделив систем, споен“, изјави денеска вештакот Ѕвонко Кочовски.

Инаку, одбраната на обвинетите реагираше дека директното испрашување на вештакот било преседан во правото, со образожение дека својот исказ вештакот го дал по предлог на судот. Од друга страна, обвинителството на рочиштето излезе со став дека во однос на ова прашање е воспоставена судска пракса во предметот „Тенк“, и дека не станува за преседан во правото.

Во однос на уништувањето на опремата за прислушкување, во случајот „Таргет-Тврдина“ обвинети се 12 лица, вклучувајќи ги Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков и 10 вработени во УБК. Станува збор за обвиненија за незаконско прислушкување и за уништување на опремата за прислушкување во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Судскиот процес започна на почетокот од 2018 година.