Автобусот на „Дурмо Tурс“ 16 дена возел без регистрација, вештак тврди дека причина за несреќата не е неисправноста на автобусот

Слободно можеме да кажеме дека причина за несреќата не е механичката неисправност на автобусот, рече пред судот вештакот Дамјан Мирчевски, кој работеше на машинското супервештачење за автобуската несреќа на „Дурмо Турс“, пренесува Порталб.мк

Сопственикот на Дурмо Турс, Дурмиш Белули и неговиот адвокат / Фото: Суад Бајрами, Порталб.мк

Слободно можеме да кажеме дека причина за несреќата не е механичката неисправност на автобусот. Управувачкиот систем на возилото немал проблем, а проблемите со системот за кочење не се главната причина за несреќата.

Вака изјави денес на судското рочиште вештакот Дамјан Мирчевски, кој заедно со тројца негови колеги работеше на машинското супервештачење за автобуската несреќа на „Дурмо Турс“ што се случи во 2019 година во Ласкарци-Скопје, во која животот го загубија 16 лица, а над 30 други беа повредени, пренесува Порталб.мк.

Денеска на Мирчевски прашања му поставија адвокатите, обвинителот Дарко Јакимовски, а и судијката Дијана Груевска Илиевска.

Дали се согласувате со мислењето на вештакот Ќосевски, кој во вештачењето изјавил дека за да се запре возилото морало да имало „кочење пред сударот“ и со тоа ќе оставеше и траги, праша Дељо Кадиев, адвокат на сопственикот на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули.

„Не се согласувам дека единствената можност за спречување на несреќата е ‘кочењето пред сударот’ или како што можеме да го наречеме, имедијатно кочење, бидејќи нашиот тим не дојде до заклучок дека системот за управување на возилото имал некаков проблем. Со исправен систем на возилото се овозможува нормално управување со возилото“, одговори вештакот Мирчевски.

Дамјан Мирчевски / Фото: Суад Бајрами

Дали системот за кочење влијаел врз текот на несреќата, беше следното прашање на Кадиев, на кое доби одговор дека „системот за кочење не придонел за причините за несреќата“.

Адвокатот го праша Мирчевски и дали сопирачките биле неисправни, дали е можно секој возач да го провери тоа, на што Мирчевски одговори: „Системот за кочење е вклучен во суперекспертизата, ги наведовме недостатоците, на командната табла на автобуот има индикатори кои може да се видат и проверат доколку има проблем“.

Мирчевски рече дека од она што го анализирале, ниту еден возач не реагирал дека конкретниот автобус имал неисправни кочници.

Автобусот 16 дена сообраќал без регистрација

Обвинителот Дарко Јакимовски му постави неколку прашања на Мирчевски, меѓутоа главно се фокусираше на фактот што автобусот цели 16 дена сообраќал без регистрација.

„Рековте дека не гледате проблем што автобусот сообраќал 16 дена без регистрација, според мене ова кажува многу за превозникот во однос на обврските што ги има кон сообраќајот, дали се согласувате со мене“, Јакимовски му се обрати на Мирчевски.

„Ние не направивме ревизија на начинот на работа на транспортерот, ниту сме инспекција за да ја провериме фирмата“, му одговори Мирчевски на обвинителот.

Обвинителот продолжи со следното прашање, потсетувајќи го дека претходно изјавил дека „имедијатното кочење не е единственот начин за кочење“, при што Мирчевски негираше, нагласувајќи дека изјавил дека „кочењето на возилото не е единствениот начин да се спречи несреќа, бидејќи возачот можел да управува со автобусот“. Според Мирчевски, возилото може да се вози со исправен систем за управување.

Владата побарала појаснување за суперекспертизата

„Вие сте изјавиле дека не сте биле на техничката станица АТЦ Гостивар [каде што е извршен прегледот на автобусот по несреќата], но во дописот на Бирото за вештачења стои дека сте биле на станицата за технички преглед“, се обрати обвинителот до Мирчевски и покажа документ, што предизвика бурни реакции кај адвокатите, кои побараа да не се земе предвид бидејќи истиот документ првпат се презентира и не е изнесен во доказната постапка.

Документот е одговор на директорот на Бирото за вештачење до Владата на Северна Македонија, во кој се објаснува дека експертите ја посетиле техничката станица, но без да се нагласи името на техничката станица.

Фото: Суад Бајрами, Порталб.мк

Судијката Дијана Груевска Илиевска го прими документот и потоа појасни дека има недоразбирање бидејќи истиот се однесува на посетата на машинските вештаци на техничката станица „Боро Петрушевски Асуц“ а не на „АТЦ Гостивар“, што се гледа во дополнителниот одговор до вицепремиерот.

Судијката рече дека Владата, претставници на Владата побарале и од Судот да го појасни за супервештачењето, но рече дека не одговорила бидејќи немаат право да се мешаат во работата на судството и дека имаат должност да одговараат само пред Судскиот совет.

На крај, на вештакот Мирчевски Судот му го постави следното прашање:

„Дали при прегледот извршен на 26.11.2022 година проверивте дали индикаторите на контролната табла на возилото се покриени со црни налепници [да не се гледа светло на индикаторите]. Доколку имало такво нешто, дали требало да се дозволи регистрација на возилото и каде требало да се пријави тоа?“.

„Не видовме налепници на контролната табла. Бидејќи возилото веќе неколку години е изложено на различни временски услови, не можеме да знаеме дали претходно биле таму и се отстранети. Фукцијата на индикаторот е да покаже дали има неправилности. Ако за време на регистрацијата има индикатори кои се вклучени, тоа мора да се стави во записникот. Техничката контрола на автобусот не е направена според правилата, а во записникот нема такви индикатори“, ѝ одговори Мирчевски на судијката.

На крај, судијката го праша вештакот, дали врз основа на се што работеле, но и што слушнале и што произлегло од прашањата и расправата во судот може да се каже дека причина за несреќата е техничката неисправност на автобусот.

„Со сигурност можеме да кажеме дека причината за несреќата не доаѓа од неисправноста на автобусот, поточно од механичкиот аспект“, рече Мирчевски.

Претходно во судот беше испрашан вештакот Зекирја Зекири, кој заедно со неговите тројца колеги работеа на машинското супервештачење на автобусот на несреќата.

Адвокатите на претставниците на фирмата „Дурмо Турс“ со супервештачењето имаат намера вината да му ја префрлат само на возачот на автобусот, избегнувајќи одговорност за техничката состојба на автобусот. Од друга страна, адвокатот на возачот на автобусот тврди дека возачот не е виновен, туку фирмата, бидејќи автобусот не бил во исправна техничка состојба. Обвинителот ја оспорува стручната подготвеност на вештакот, а семејствата на жртвите оценуваат дека изјавите на Зекири не се конзистентни и дека постојано имало мешање од неговите колеги кои застанале на негова страна.

Супервештачењето за кое Судот даде наредба во декември 2021 година, државните факултети го отфрлија со појаснување дека нивните вештаци веќе учествувале во претходното вештачење и дека не се надлежни за истото.

Судскиот процес започна во септември 2019 година, а автобуската несреќа се случи на 13.02.2019 година, кога автобусот на „Дурмо Турс“, кој се движеше на редовната релација Скопје-Гостивар, излета од автопатот кај селото Ласкарци. Животот го загубија 16 патници, а 37 беа повредени. Во овој судски процес обвинети се шест лица: сопственикот на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули, одговорното лице за превоз во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, како и тројца вработени во станицата за техничка контрола. Првите тројца се обвинети за тешки кривични дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека другите се обвинети за соработка во истото кривично дело.

„Дурмо турс“ продолжува да работи и да превезува патници.